Тасевски: Ако нападот на вработените во М-НАВ не се расчисти, не се исклучува можноста за целосно затворање на воздушниот простор

Александар Тасевски – претседателот на Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ вечерва во интервју за тв Сител изјави дека не се исклучува можноста за штрајк на контролорите доколку не се расчисти инцидентот од попладнево кога во просториите на Македонската навигација беа нападнати тројца вработени од страна на свој колега и неколку други непознати лица. За евентуалниот штрајк Тасевски рече дека ќе се одлучува на вечерашниот состанок на Синдикатот.

„Целиот овој настан предизвика дополнителен гнев и револт кај контролорите на летање така што, вечерва ќе се одржи состанок на кој не се исклучува можноста да одиме на варијантата на целосно затворање на воздушниот простор сè додека не се пронајдат и казнат сторителите на овој настан од денеска. Пред сè мора да го заштитиме секој контролор на летање како колега, секој друг вработен во оваа фирма, но и патницте“ – рече Тасевски.

За денешниот упад во просториите на М-НАВ, тој рече дека не го знае точниот број на лица кои влегле во зградата, но дека во кругот на објектот од страна на обезбедувањето на Македонската навигација биле пуштени две до четири возила од кои потоа излегле непознати лица.

„Лицата влегле во самите простории на контролата за летање каде што ние како контролори работиме и се движиме. Знаеле точно каде се упатуваат. Барале конкретни лица. Насилно било, со влечење и тегнење за на крај да ескалира и да биде проследено со физички напад“ – вели Тасевски.

Првиот синдикалец додава дека во денешниот инцидент биле нападнати контролори на летање кои се етнички Албанци зашто, како што вели, застанале во одбрана на заложбите за професионализам во контролата на летање.