Сред Софија украден џипот на екс-претседателот на Бугарија – Плевнелиев

Украден е џипот марка „бмв“ на поранешниот претседател на Бугарија – Росен Плевнелиев. Арамиите ја извршиле кражбата во трговски центар во Софија, на паркинг, каде што се паркирала неговата сопруга – Десислава Банова.

„Во саботата, околу 16 часот, се паркирав на нивото -1. Се вртев затоа што не најдов место за паркирање. Имам опција да го заклучам автомобилот автоматски откако ќе излезам од него. Се уверив дека го слушнав сигналот дека автомобилот е заклучен. Сепак, јас зборував на телефон и кога се приближив до лизгачката врата, еден човек со огромен ранец на грбот ме турна мошне арогантно. Можеби и побрзо ќе реагирав бидејќи имав слушнато за таква шема. Се сомневав бидејќи влегувајќи во трговскиот центар повеќе не го видов истиот тој – рекла сопругата на Плевнелиев за бугарска „Нова ТВ“.

Таа се вратила назад и го здогледала мажот како тргнува кон нејзиниот автомобил. Следното нешто што Банова го видела е како автомобилот се оддалечува од паркингот, управуван од сосема друго лице.

„Колку што разбрав, туркајќи се во мене, тој се обидува да го пресретне сигналот на клучот со уред што се наоѓа во неговиот ранец. Уште едно лице што стои до автомобилот без проблем влегува и излегува од него. Уште од првата минута ја известив 112 за кражбата“ рекла таа.

Кражбата била снимена од безбедносните камери на паркингот.

Информациите од бугарското МВР и од Обвинителството се дека е во тек истрага.