Специјалното обвинителство поднело 33 обвиненија за воени злосторства на Косово

Специјалното обвинителство на Република Косово соопшти дека досега поднело вкупно 33 обвиненија, против 89 лица, за воени злосторства на Косово.

„Ниту една националност, било да е српска, албанска, бошњачка, црногорска, не се истакнува на кој било начин. Правдата ќе ја направиме еднаква за сите. Имаме и случаи на кои им даваме приоритет, меѓу нив беа затворот Дубрава, Меја … Но, приоритет е и убиството на српски новинар, кое интензивно го истражуваме“, рече главниот обвинител Блерим Исуфај на прес-конференција на 8 декември во Приштина.

Исуфај како некои од проблемите во работата ги наведува малиот број обвинители и недостатокот на соработка на Србија во гонењето на случаите со воени злосторства.

Обвинителството на оваа конференција изнесе детали за масакрот во селото Меја кај Ѓаковица и оној во затворот Дубрава, кај градот Исток на Косово.

Според обвинителката Дрита Хајдари, случајот од Меја е наследен од Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово – ЕУЛЕКС, која отвори истрага против 18 лица во 2013 година.

Таа посочи дека со преземањето на случајот на крајот на 2018 година, локалните обвинители ја продолжиле истрагата, проширувајќи ја на уште 35 лица, со што вкупниот број обвинети во овој случај се зголеми на 53.

Во врска со масакрот во Дубрава, за кој судењето почна на 7 декември во Приштина, обвинителот Илир Морина рече дека во овој предмет, додека истрагата продолжува, има 88 обвинети. А овој случај, како што рече, е наследен од Еулекс.

Морина наведе дека само еден обвинет е во притвор, додека за останатите истрагата продолжува.

Дрита Хајдари од Одделот за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово изјави дека во првиот дел од случајот за масакрот во селото Меја биле вклучени пет лица кои, според обвинителството, го планирале масакрот.

Хајдари изјави дека има уште единаесет лица од втората група, кои според обвинителството во соработка со првата група го реализирале планот за масакрот. Таа рече дека третата група од 37 обвинети ја сочинуваат „директни извршители кои го извршиле масакрот или на друг начин придонеле“.

„Истрагата утврди дека во периодот од 27 до 29 април 1999 година била спроведена заедничка и добро организирана систематска операција на Југословенската армија и Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, со соучесништво на паравоена група, во која имало 370 цивили, кои не учествувале во борбите за време на убиството.Жртвите биле од село во регионот на Река е Кеќе (меѓу Ѓаковица и Јуник – област во близина на границата со Албанија)“, изјави Хајдари.