Русковска: Случајот со Вања и Панче не смее да добие политичка конотација

Поранешната обвинителка и шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска смета дека случајот со свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот велешки фризер Панче Жежовски, не смее да добие политичка конотација.

„Не мислам дека сето ова може да добие политичка конотација и не би смеело да добие, затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете“, изјави Русковска денеска (8 декември) по настанот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“.

Таа додава и дека истрагата допрва треба да утврди која е вистинската заднина на случајот.

Нејзините очекувања се и сето ова предвид да го имаат и турските власти кои се очекува да го екстрадираат првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо кој беше уапсен на 5 декември кај градот Баликесир.

„Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид“, вели Русковска.