Силен земјотрес ја погоди Хрватска

Силен земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово во 5 часот и 38 минути го погоди подрачјето на Слуњ, соопшти Сеизмолошката служба на Хрватска.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри, а земјотресот бил почувствуван низ цела Хрватска, најмногу во Лика и централна Хрватска, пренесува Index.hr.

„Сеизмографите на Сеизмолошката служба забележаа прилично силен земјотрес со епицентар на околу 15 километри јужно од Слуњ. Магнитудата на земјотресот беше 4,3 степени според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот е проценет на V-VI нивоа од ЕМС скалата“, соопштија од Сеизмолошката служба.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) најпрвин соопшти дека се работи за земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтер, а подоцна ја намалиле магнитудата на 4,6 степени.

ЕМСЦ известува дека земјотресот бил почувствуван и во БиХ и Италија.