Османи: Не успеав да влезам во втор круг поради отсуство на единствен кандидат Албанец

Актуелниот министер за надворешни работи во техничката влада – Бујар Османи, кој беше претседателски кандидат, но не успеа да влезе во вториот круг во интервју за косовската „РТК“ порача дека вториот круг од претседателските избори со македонски противкандидат бил оневозможен за него бидејќи албанските политички партии немале единствен кандидат.

Тој истакна дека била одржана средба на која косовскиот премиер Албин Курти и албанскиот премиер Еди Рама разговарале за претседателските избори во Македонија и за тоа кој би можел да биде кандидат на албанските партии.

Договорено било, како што истакнува Османи, да се спроведе анкета, по која кандидатот со најголема поддршка да добие поддршка и од другите партии.

Бујар Османи вели дека во таа анкета тој бил прв, а Арбен Таравари бил трет или четврт.

„И покрај тоа што анкетата беше фер, инсистирањето на индивидуална кандидатура се одрази и на резултатот од изборите. Тоа ја наруши можноста да бидам кандидат во вториот круг со македонски противкандидат“, рекол Османи.

Тој изјавил дека спротивната страна јавно ја прифатила поддршката на, како што вели, македонската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а сето тоа според него е направено со цел да се заплашат Албанците и да се предизвика забуна кај албанските гласачи.

„Предизвикаа чувство на омаловажување на Албанците, што не е направено во последните децении“ – смета Османи.