САД бараат од Турција да ја прекине интервенцијата во Сирија

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин кажал за време на телефонскиот разговор со својот турски колега дека Пентагон „силно се противи на турските воени операции во Сирија“, пренесува Блумберг.

Пентагон наведе и дека турските акции може да ја поткопаат борбата на сириските Курди, кои САД ги сметаат за сојузници, против џихадистите. Американците биле приморани да ги намалат своите патроли, кои ги спроведуваат во соработка со Курдите, пренесува њујоршката агенција.

Турција почна акции против курдските сили на североистокот на Сирија, кои ги обвинува за неодамнешниот терористички напад во Истанбул.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, во одговор на својот американски колега, негирал дека турските сили ги гаѓале сојузничките американски трупи и цивили. Тој додал дека акциите биле спроведени во самоодбрана, како и дека Турција е спремна да соработува во борбата против ИСИС и другите терористички организации.

Анкара ги смета курдските Единици за народна заштита (ИПГ) за закана за турската безбедност поради своите врски со сепаратистичката Работничка партија на Курдистан (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација. ПКК негираше вмешаност во терористичкиот напад во Истанбул.

Разговорот меѓу Остин и Акар се случил откако турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го критикуваше Вашингтон за тоа што им испраќа оружје на Курдите во Сирија.

„Поддршката на некои наши сојузници, пред сè Америка, на терористички организации во Сирија е јасна и очигледна, и ние велиме дека тие треба да ја сопрат поддршката“, кажа турскиот министер на маргините на состанокот на НАТО во Букурешт во средата.

„Ние сме посветени на тоа да ја одржиме борбата против терористите каде и да се наоѓаат тие во Сирија и Ирак“, додаде тој.