Белата куќа ја објасни изјавата на Бајден: „Засега не планира да разговара со Путин“

Белата куќа денес се обиде да даде ново толкување на изјавата која ја даде Џо Бајден ден претходно, истакнувајќи дека американскиот претседател засега не планира да разговара со рускиот лидер Владимир Путин за украинското прашање.

„Засега нема намера да разговара со Путин“, кажа денес Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност кој е под Белата куќа. „И како што (Бајден) уште кажа, Путин не покажа баш некаков интерес за каков било дијалог – токму спротивното“, им кажа тој на новинарите.

Бајден во четвртокот изјави дека е „спремен да разговара со Путин ако се труди да најде начин за прекин на војната“, истакнувајќи дека рускиот претседател „сè уште не го направил тоа“.

„Кога би било така, во договор со француските и пријателите во НАТО, би бил среќен да седнам со Путин и да видам што мисли. Сè уште не го направил тоа“, додаде на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.

Овие изјави навестија дека Вашингтон е отворен за дијалог со Кремљ за војната во Украина, но Белата куќа го демантираше тоа. Кирби негираше дека САД го наговараат украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги продолжи преговорите со Москва.

„Претседателот воопшто не кажа дека е дојдено времето за преговори. Војната би можела да заврши денес без преговори доколку Путин го направи тоа што треба и замине од Украина. Неговите сили немаат што да бараат таму“, додаде Кирби.