Ретко издание на „Хари Потер и каменот на филозофот“ на аукција продадено за 471.000 долари

Редок примерок од првото издание на книгата „Хари Потер и каменот на филозофот“, од Џ.К. Роулинг вчера на аукција е продаден за 471.000 долари. Тоа е највисоката цена некогаш платена за првата приказна за момчето волшебник, во која било форма, соопшти аукциската куќа „Херитиџ“.

„И не само што е најскапата книга за Хари Потер некогаш продадена, таа е и најскапото комерцијално објавено дело – белетристика од 20 век продадено досега“ – рече извршниот потпретседател на „Херитиџ окшнс“, Џо Мадалена.

Биле испечатени само 500 примероци од книгата со тврда корица, а повеќето од нив завршија во јавните библиотеки.

„Неколкуте примероци што се појавија на наддавања се вброија меѓу најпосакуваните наслови од модерната литература, а уште два беа продадени 2021 година за повеќе од 138.000 долари“ – вели таа.