
Петмина приведени за семејно насилство во последните 24 часа
Пет лица се приведени во повеќе одделни случаи поврзани со семејно насилство, физички напади и закани, регистрирани во Велес, Куманово, Тетово, Скопје и Охрид. Меѓу жртвите има малолетно дете, сопруги, партнерки, мајка и поранешна партнерка, а полицијата најавува соодветни пријави по целосно документирање на случаите.
Пет лица се приведени во повеќе одделни случаи поврзани со семејно насилство, физички напади и закани, регистрирани во Велес, Куманово, Тетово, Скопје и Охрид. Меѓу жртвите има малолетно дете, сопруги, партнерки, мајка и поранешна партнерка, а полицијата најавува соодветни пријави по целосно документирање на случаите.
Во Велес, полициски службеници го лишиле од слобода 62-годишниот Л.Н., по пријава дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на својата малолетна ќерка, а ја нападнал и неговата 56-годишна сопруга. По извршените проверки било утврдено дека бил под дејство на алкохол, со 0,70 промили алкохол во крвта. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес, а против него е поднесена кривична пријава. Судија на претходна постапка му определил притвор, по што бил спроведен во КПУ Затвор Скопје.
Во Куманово биле регистрирани два одделни случаи. Полицијата го привела 40-годишниот Д.С. од Куманово, поради сомнение дека физички ја нападнал својата 49-годишна партнерка и нејзиниот син.
Истиот ден, полициски службеници го лишиле од слобода и 44-годишниот Н.Ц. од Куманово, затоа што физички ја нападнал својата 39-годишна сопруга.
Во СВР Тетово биле регистрирани два настани поврзани со 57-годишниот В.Р. од Тетово. Неговата 78-годишна мајка пријавила загрозување на сигурноста при семејно насилство, откако во семејниот стан кршел предмети и агресивно се однесувал.
Набргу потоа, соседка пријавила дека истиот маж ѝ заѕвонил на врата и со остар предмет ѝ нанел повреди. Со асистенција на полицијата и Итната медицинска помош од Тетово, лицето било пренесено и хоспитализирано во соодветна здравствена установа во Скопје.
Во Скопје, 39-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Ѓорче Петров нејзиниот поранешен вонбрачен партнер ѝ упатил закани.
Во Велес, пак, бил приведен 24-годишниот Д.Д., по пријава дека во домот физички ја нападнал својата 25-годишна невенчана сопруга.
Во СВР Охрид е пријавен и случај во кој лице од Охрид било агресивно кон својата мајка и ѝ упатувало вербални закани по живот.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и дека по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.