Николоски: Нема сериозен притисок врз Бугарија од ЕУ

На седницата на Националниот совет за ЕУ интеграции потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Александар Николоски рече дека „јасна и неподелена е одлуката и на власта и на опозицијата и на клучните политички партии во државата дека поддржуваат зачленување на Македонија во ЕУ“.

„Доколку овој процес е замрзнат и е ваков каков што е се поставуваат најмалку две прашања, првото прашање е дали има јасна визија и стратегија за Македонија и за регионот, и второто прашање е кој е планот. Во континуитет и Македонија и регионот се соочуваат со криза, прво беше здравствената криза која што се уште трае. Во моментов веќе има енергетска криза за компаниите, а за граѓаните ќе започнат да чувствуваат следната година. На тоа неминовно ќе се надоврзе и сериозна економска криза, не само проследена со повисоки стапки на инфлација од она што се проектира за Буџетот следната година и што било проекција на инфлација за државата година наназад, туку и генерално низ намалена економска активност“, рече Николоски.

Тој ги наброја предизвиците со кои што Македонија се соочува и кои што делумно се производ на неуспешните политики на Владата, но делумно се и регионални и глобални феномени. Николоски е дециден дека не постои силен притисок врз Бугарија да го тргне ветото.

„Како што мислам дека недостасува еден впечаток во јавноста, можеби реалноста е поинаква, но впечатокот е таков, а тоа е дека не постои посериозен притисок врз Бугарија. Постои декларативен притисок, постои притисок кој што е на зборови и тоа го гледаме сите, но сериозен политички притисок врз Бугарија не гледаме во изминативе три, три ипол години колку што е проблемот. А, сите сме свесни доколку има волја тоа може да се направи“ – рече Николоски.