Мицотакис во посета кај Петков во Бугарија

Бугарскиот премиер – Кирил Петков денеска ќе го прими грчкиот колега – Киријакос Мицотакис соопштија од бугарската Влада.

Тоа е прва посета на странски премиер на нашиот источен сосед откако новата бугарска влада е на функција.

Премиерите се очекува да разговараат во зградата на Министерскиот совет, по што е предвидена средба на делегациите на бугарската и грчката Влада.

Петков и Мицотакис ќе разговараат за билатералните односи меѓу Софија и Атина и можностите за нивно уште поактивен развој, а ќе разговараат и за имплементација на гасниот интерконектор што ги поврзува Бугарија и Грција, кој се очекува да профункционира на 1 јули 2022 година.

Се очекува да се разговара и за регионални теми од заеднички интерес, како и за актуелни прашања од европската агенда на Западен Балкан.

По разговорите со Петков, грчкиот премиер ќе има средба и со претседателот на Бугарија – Румен Радев, со кого се сретна и разговараше на Советот на ЕУ на 16. декември во Брисел.