Курти за ДВ: Србија сака да го „боснизира“ Косово

  • Со непризнавање на злосторствата сторени на Косово, значи злосторства против човештвото, воените злосторства и геноцид, Србија не ја признава независноста на Косово, бидејќи власта во Белград тоа го смета за резултат на нашата ослободителна војна, но притоа заборава дека злосторствата на Србија го примораа НАТО да интервенира во Европа против државата која се обиде да протера, убие и силува еден народ – вели во интервју за „Дојче веле“ премиерот на Косово – Албин Курти.

Важна точка во спорот меѓу Приштина и Белград е таканаречената Заедница на општини на српското малцинство. ЕУ ја повикува Приштина да ја одобри оваа заедница во согласност со договорот од 2013 година. Какво е Вашето мислење?

  • Нашата претседателка Вјоса Османи и јас уште тогаш бевме против Заедницата на општини на српското малцинство. Денес сме на чело на нашата земја и сѐ уште сметаме дека договорот од 2013 година е потпишан со големи притисоци врз пратениците во косовскиот парламент, и оти недостасуваа транспарентност и вистински информации.
  • Покрај Уставниот суд на Косово во 2015 година, исто така, заклучи дека заедницата на општини заснована на етички основи не може да се интегрира во нашиот правен и уставен систем. Со таа заедница Србија на Косово се обидува да постигне нешто слично како во Босна и Херцеговина. Погледајте во Босна со Република Српска имаме држава која не се вика држава, туку република. На сличен начин Белград би сакал на Косово да има држава која не се вика република, туку заедница. И таа би требала да постои во рамки на Република Косово, која така се вика, а не треба да биде држава. Значи, извлековме поуки од минатото и ја студиравме и ја анализиравме тактиката на Белград. Сѐ поевидентно е дека Србија на Западен Балкан се однесува како Руската Федерација – Република Српска во Босна се обидува да ја претвори во Белорусија, а Црна Гора во Украина. Суштината е значи во тоа што Србија земјите кои не се во ЕУ – значи Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, па дури и Северна Македонија – не ги признава како вистински држави, туку ги смета за привремени држави.

Вие, значи, категорично го отфрлате концептот на Отворен Балкан што го заговараат Албанија, Северна Македонија и Србија. Зошто?

  • Има суштинска разлика во ситуациите во кои се наоѓаат Албанија и Косово, бидејќи Србија ја признава Албанија како држава, а Косово не. Тоа отфрлање на Косово од страна на Србија води кон дискриминација на нашите граѓани. Значи, додека албански државјанин може да патува во Србија со својот пасош, косовски државјанин не може, бидејќи нашите документи не се признати во Србија.
  • За Балканот да биде отворен и слободен, Србија мора да се промени еднаш засекогаш. Ако соработуваме со Србија, која не се менува, тоа нема да ѝ помогне на Србија. Преферирам иницијативи во рамките на Европската Унија. Го поддржуваме Берлинскиот процес – смета Курти.