Кризната состојба за снабдувањето со струја продолжена до 9. јуни 2022

На денешната седница на Владата беше донесена одлука за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со струја за дополнителни 6 месеци, односно до 9. јуни 2022 година. Предлог-одлуката ќе биде доставена на усвојување до Собранието.

„Предлогот за продолжување на рокот на кризната состојба има за цел да обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија“, соопштија од Владата.

Претходната владина одлука за прогласување кризна состојба беше донесена на 9. ноември во траење од 30 дена заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека со прогласувањето на енергетска кризна состојба, единствена мерка која произлегува од оваа одлука е да се вбризгаат финансиски средства во енергетските компании со цел да се стабилизира состојбата на пазарот на електрична енергија.