Контроверзниот српски политичар тврди дека било планирано грабнување и на сестрата на Вања

МВР, Обвинителството и медиумите смислено ја префрлуваат вината на таткото на убиената Вања кој сам ги обезбедил снимките од камерите и открил дека неговата ќерќа се наоѓа во возилото, тврди контроверзниот српски политичар – Срѓан Ного.

Тој денеска преку Јутјуб каналот изнесе жестоки обвинувања кон македонската полиција и кон македонското Јавно обвинителство, тврдејќи дека таткото на Вања, Александар е првиот човек што на МВР му ги дал снимките на кои поврзал дека возилото „цитроен“ на сега убиениот Панче Жежовски, е вмешано во грабнувањето.

Ного прашува зошто оној што им ги дал доказите на институциите од кои почнале да трагаат е сега осомничен и е во притвор и чиј живот е загрозен?!

Тој отвора и сомневања за улогата во целиот овој случај на адвокатот Васко Стојков кој го пренел во Белград Љупчо Палевски, осомничениот за убиство на фризерот Панче и на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Ного прашува зошто овој адвокат е ослобеден од обвинителството, а за истото дело, Стефан Димковски, кој од Белград го пренел Палевски во Турција, е во притвор.

На сопствениот јутјуб канал Ного објави досега необјавени видео материјали на кои се гледа возилото „цитроен“, пред зградата на Вања. Објавена е и снимка од последниот ден на Панче Жежовски на бензинска пумпа во Велес.

Според Ного, постојат индиции и дека било планирано грабнување и на сестрата на Вања, но таа тој ден немала прв час и затоа заедно не се упатиле кон училиштето.

Ного вели дека не се работи воопшто за киднапирање поради користољубие, туку за нарачано убиство во кое Љупчо Палевски и другите тројца кои сега се во притвор и го признаа убиството, се само егзекутори, а македонските институции не се способни да го најдат нарачателот на свирепото убиство на дете и да ги откријат мотивите за тоа.

Ного за оваа тврдење се потпира на информација дека Палчо непосредно пред и веднаш по убиството на Вања зборувал со некого на телефон.

Тој вели дека таткото е „подметнат“ во приказната без никакви докази, затоа што тоа е лепливо за уши.