По грешка помина 48 години во затвор: Би лажел ако кажам дека не ја изгубив вербата, но таа е како гума – се шири и се собира!

Глин Симонс гледаше низ прозорецот на совозачкото седиште додека возеше со пријател на автопатот во Тулса, Оклахома. Неговиот поглед беше вперен во ноќното небо осветлено од ѕвезди. Тоа беше глетка на која 70-годишникот не можеше да посведочи речиси половина век, бидејќи најголемиот дел од животот го помина во затвор за убиство што не го направи.

„Возбудливо е да се гледа како се менуваат годишните времиња, лисјата паѓаат, некои едноставни работи што не можев да ги видам во затвор. Не можев да уживам во тоа“, изјави Симонс за Би-Би-Си.

Симонс беше ослободен од затвор во јули 2023 година. Во декември, тој беше прогласен за невин за убиството на Каролин Сју Роџерс во 1974 година. Тоа е најдолгата позната погрешна пресуда во САД. Казната му беше укината откако окружниот суд утврди дека обвинителите не им ги предале сите докази на адвокатите на одбраната, вклучително и дека сведокот ги идентификувал другите осомничени.

Имаше 22 години кога тој и кообвинетиот Дон Робертс беа осудени на смрт во 1975 година. Најстрогата казна подоцна беше преиначена во доживотен затвор.

Симонс оваа недела зборуваше за Би-Би-Си за неговото ослободување, неговата борба со ракот на четвртата фаза и надежта што го држеше да мине низ 48 години зад решетки:
„Невиноста ви помага да ја задржите вербата. Би лажел ако кажам дека не ја изгубив вербата, многупати. Но, верата е како гума – таа се шири и се собира“.

Во јануари 1975 година, Симонс беше еден од неколкуте луѓе уапсени на забава под обвинение за „лажен грабеж“. Тие го донеле во полициска станица, каде што полицајците го замолиле да застане во ред за да ги идентификуваат сторителите на убиството што се случило еден месец претходно за време на грабеж во продавница за алкохол во предградието на Оклахома Сити. Убиството на Каролин Роџерс, која работела како продавачка кога била застрелана во глава, допрва треба да биде разрешено.

„Само што наполнив 21 година. Немав претходно искуство со системот на кривичната правда. Не знаев дека имам право на адвокат, право да одбијам да учествувам. Немав идеја“, рече Симонс.

Жената која била застрелана во главата при грабеж во продавница требало да го препознае осомничениот за убиството само неколку дена по излегувањето од болница. Таа не го идентификуваше Симонс како сторител. Наместо тоа, таа посочи на најмалку три други лица за идентификација, според адвокатот на Симонс, Џо Норвуд.

Сепак, Симонс беше осуден на смрт, иако тврдеше дека бил во Луизијана за време на убиството.

„Не го нарекувам неуспех на правдата. Тоа не беше грешка. Тоа беше намерен чин. Тоа беше свесно непочитување на правдата“, изјави Симонс за Би-Би-Си.

Беше 1975 година во Оклахома, кога атмосферата на расизам сè уште беше опиплива, рече Симонс, кој е Афроамериканец, додавајќи дека полицијата имала многу нерешени случаи и имало голем притисок.

„Имаше денови во затвор кога го изгубив умот. Имав напади на анксиозност, а како што стареев, беше тешко да се задржам на надежта дека ќе ја исчистам дамката од моето име“, рече Симонс.

А потоа дојдоа уште лоши вести. Само една година пред да биде ослободен, му беше дијагностициран рак на црниот дроб, што е негова втора битка со болеста. Тој беше ставен на листа на чекање за лекување, но не можеше да прими хемотерапија пред да излезе од затвор. За тоа време ракот метастазирал.

Откако беше ослободен од затвор и прогласен за невин, Симонс доживеа виор од емоции, а најсилна е благодарноста.

Божиќ го помина со синот, трите внуци и седумте правнуци: „Беше прекрасно. Многу работи направивме првпат во животот“.

Сепак, неговата благодарност беше исцрпена од чувствата на горчина во текот на деценијата од животот што го изгуби. Симонс рече дека не добил извинување од државата Оклахома. Тој излезе од затвор без лични предмети и пари за основни потреби и медицински третман.

Погрешно осудените лица кои отслужуваат затворска казна имаат право на компензација до 175.000 американски долари, или околу 3.600 долари за секоја година што ја одлежуваат во затвор. Тој смета дека обештетувањето најверојатно нема да се плаќа со години.

Во меѓувреме, за Симонс се собрани 326.000 долари помош, вклучително и анонимни донации до 30.000 долари. Симонс сака да помине нов живот во слобода, ширејќи ја својата приказна и работејќи на реформирање на системот на кривичната правда каде што еден невин човек го поминал најголемиот дел од својот живот зад решетки.

„Тоа е мојата инспирација за иднината, обидувајќи се да им возвратам и да им помогнам на другите кои се на истата позиција на која бев. Мораме да направиме нешто во врска со реформите во кривичното право. Мораме навистина да размислиме како ќе го направиме тоа“ објасни Симонс.

Тој планира да одвои време за себе. Симонс веќе бил на НБА натпревар на Оклахома Сити Тандер. Тој сака да патува низ светот:

„Бев во една крајност на затворање. Сега сакам да одам во другата крајност на ослободувањето“.