Колумна на проф. Ана Чупеска: Кружен ток

Едно од најголемите сообраќајни откритија, кое масовно се применува на целата територија на нашата држава е замената на критичните раскрсници со кружни токови…фантастична идеа! Иако ова го убрзува сообраќајот и ги растеретува сообраќајните гужви, сепак, бара малку повеќе познавање и спретност во возењето. Во спротивно или ќе го згрешите правецот или ќе останете да си вртите кругчиња „док не паднете у несвест”.

Отприлика вака некако изгледа и нашата политичка ситуација во последниве неколку месеци….Демек знаеме кај одиме, ама никако да се исклучиме на вистинската улица која недвосмислено не води кон европските интеграции.

Кога ја анализираме политичката спремност за да се превземат клучни државнички чекори во правец на ЕУ насоката, прво што треба да земеме в предвид е да ги воочиме дволичноста/лицемерието; неодлучноста и секако – немањето храброст за надминувањето и за решавањето на проблемите. На пример, условот кој ни висеше над глава за прием во НАТО (решавањето на спорот со Грција) не смееме да го заборавиме. За потсетување, предлогот кој го имавме на маса беше промена на името за надворешна, но не и за внатрешна употреба…Верувам се сеќавате на тоа….

Но, дволичноста на тогашните власти (и сегашните нивни инсталациски мрежи) кон нашите партнери и кон сопствените граѓани, резултираше со уште поголемо влошување на македонската преговарачка позиција; а и на нашата меѓународна комуникација; по што неминовно не дотера во состојба на мазохистички изолационизам од што произлезе и груевизмот.

По авторитарната десетгодишна епизода, успеавме, со една зрела и разумна политика да дојдеме до некој компромис кој во иста мерка ги задоволува, но, и ги прави не многу среќни и двете страни, ако се земат во предвид максималите кои беа на маса!
Сега повторно истото лицемерие, од истиот субјект (се разбира, овде зборот субјект е искористен со целосна резерва кон еспистемолошките неопходности за негово постоење)!

Повторно истите лицемери, „бранители” верглаат дека некој сака да ни го „земе” идентитетот, јазикот, а без притоа да дадат ниту еден единствен аргумент за такво тврдење. Уште помалку па решение за проблемите.

Напротив, сите аргументи се во спротивна насока.

Решенијата, исто така, ги нема.

Истото тоа лицемерие не ја признава Владата, а учествува во неа; Истото омнипотентно македонско лицемерие, слушнавме од бомбите – успешно ги амнестираше хашките случаеви и тоа од мнозинска позиција кога владееше;

Истото лицемерие, има против Бугарите во Устав, а ветило кај Борисов се и сешто; па уште и допрв ќе се договара со Бугарија (хаха); па го „брани јазикот” а во одбраната, коло води и го врти марамчето човекот кој Конески го нарече „Џуџето од Небрегово”. Да не зборам за панихиди за личности чии дела ја компромитираат македонската политичка историја: зарем не? Беседи и величање на ликови кои јасно нанеле штета на Македонија, на чии чествувања трчкаше, и тоа во својство на МНР.

Дали можеби таму лежи одговорот на „тајнот” план на Мицко“? Тој вели, ќе се репреговара со Бугарија: преку кој спотерски линк – само се прашувам? Дали се тоа можеби линковите кои своевремено заговараа промена на азбуката со додавање на гласови токму од бугарската азбука???

Истото лицемерие, никогаш не покажало храброст за непопуларни политички одлуки од кои зависи опстанокот на земјава, но, затоа има „пуна прса” со мрсни намирници: идентитет, јазик, снопчиња гранчиња од Мусолини… и све што нема ама баш никаква врска со демохристијанство, уште помалку со вредности на идеолошки конзистентниот конзервативизам. Да не зборам дека и нема врска со себе и со светот, кој денес го познаваме.

Реториката која лицемерните ја сеат без грам усул, не само што ги прави се повидливи националните разлики, и не само што поттикнува бинационална држава (како што они упорно тврдат); туку, поттикнува тринационална држава. Во неа, има едни што ексклузивно се самоименуваат како суверена – нација, а всушност лицемерно ја толкуваат нацијата и делуваат субверзивно во рамките на овој социо-политички и уставен поредок; Другите, се оние кои сакаат да го унапредат истиот тој поредок и да му овозможат прогрес и нудат непопуларни но одржливи политички, и пред се демократски решенија; Третите, мене ми се „омилени”, оти, лавираат коњуктурно. Сите оперираат во заеднички политичкиот простор и влијаат врз граѓаните и нивното национално себеразбирање. Но, со ваквите маргини тешко се стига до европски вредности.

Исто така многу лицемерно е да не видиш, дека додека се наказеше Скопје со проектот 2014, за кој се потрошија и испокрадоа тешки милијарди (народни пари, што би рекле) минималната плата беше нешто повеќе од 8000 денари…сега е околу 20.000…

Инфлацијата, велат, лицемерите, ги обезвреднела покачувањата?!? Тоа го гледаат, но, не и глобалната трета консекутивна криза предизвикана од двеипол годишната пандемија, па сега и војната во Украина…

Лицемерието, веројатно гледа само гола власт: без одговори, без решенија, т.е. без одговорност; Доколку не ги антиципирате иднината и прогресот како пункт, разбирливо е зошто постојано се обидувате да се ситуирате во минатото (антики, мантики, и други тро ло ло). Тоа е само уште еден тажен и неоджрлив обид за ескупација, мили мои. Ништо повеќе.

Имате ли подобар план за раст од актуелниот на Вон Дер Лиен; оној од ЕУ за Западен Балкан?
Имате ли решение за преговарачката рамка од ЕУ која постојано ја кудите?
Имате ли концепт и одржлива визија за извесност на земјата?
Уште не слушнавме ама баш ништо на овие теми, оти, упорно се вртите во кругот на сообраќајниот ток на историјата.