Колумна на Мирослав Драганов: Дигитален потпис – да или не!?

За некој да злоупотреби или уништи документ во писмена форма не треба да е некој експерт за која и да е област, туку доволно е да има пенкало, запалка или пак кофа вода (можеби црево или пак доволно да знае да ја одврти чешмата за да направи поплава). А доколку документот и/или дејствието е електронско, тогаш тој што сака да го злоупотребува ќе треба да има малку подлабоко знаење од технологија и слични (под)области.

Овој вовед е инспириран од две причини:

  • широко распространетиот став во нашето општество дека подобро е сè да биде на хартија, да се потпише само лично, бидејќи ако е електронски, автоматски е понесигурно, не може да се докаже, полесно се злоупотребува или едноставно „не е тоа тоа“(!?)
  • во овие две години додека траат овие пандемски услови на работење најмногу драгоцено време (а и нерви!) ми имаат залудно потрошено оние кои ме убедувале и принудувале да дојдам да потпишам некој договор лично (најчесто тоа биле државни институции или пак граѓански организации кои нели би требало да бидат носители на промените во едно општество, а не кочничари!).

Затоа мојата теза во оваа колумна е едноставна – дигитален потпис мора сега, веднаш и во овој момент да почне да се применува секојдневно во нашето општество од сите можни учесници во општествените односи! И да се разбереме, со ова не мислам на обезбедување на разно разни посебни дигитални сертификати и останати комплицирани процедури, како електронски, така и оние кои бараат физичко присуство (како што Министерството за информатичко општество и администрација продуцирало еден куп прописи кои повеќе го компликуваат отколку што го олеснуваат и заштитуваат начинот на живот и работење), туку мислам на едноставни знаци (пораки, емаилови, конклудентни и орални и други дејствија јасно искажани преку видео конференција или преку која било електронска комуникација од која било од страните – лесно докажливи!) кои се само еден јасен НАЧИН НА ИЗРАЗУВАЊЕ НА ВОЛЈАТА за склучување на некој договор и неговите суштински елементи (на пример: предметот и цената)! Значи едноставно е: важно е слободното и јасното изразување на волјата, а не каде и како е таа изразена!

И овој пат нема да опишувам во детали, туку за да ја поткрепам оваа моја теза која е правно валидна во нашето оштество уште пред 44 години кога е донесен Законот за облигациони и сопственичко правни односи (а уште подетално подобјаснета пред 21 година кога е донесен Законот за облигационите односи и е предвидено тоа да се прави преку телефон, телефакс или со други знаци….) ќе кажам само дека овој мој став го црпам од најмалку 10 својства во сум се нашол досега: 1.магистер по уставно право со положен правосуден испит, 2.приправник и стручен соработник во адвокатско друштво која застапувал предмети на суд, 3.правник во банка (референт за воспоставување и наплата на ризчни побарувања и ги потпишувал и ги наплаќал), 4.граѓански активист за владеење на правото и унапредување на човековите права, 5.истражувач на теми поврзани со работнички права и мобинг, 6.тренер за подобрување на внатрешна комуникација и зајакнување доверба во тимови, 7.главен директор за продажба и маркетинг на софтвер за човечки ресусрси, 8.претприемач кој секојдневно нуди и користи услуги прекугранично/интернационално, 9.светски обликувач на промени кој се залага за олеснување на животот на сите нас, 10.дете од работничко семејство кое е вљубеник во правичноста што и да работи!

Сите овие перспективи (кои се и дијаметрално различни) ме научиле и ми даваат за право цврсто да верувам, да ја бранам тезата и да ја спроведам промената на дело што поскоро! Овој пат ќе ве прашам дали и вие верувате во неа и сакате да си го олесните животот? Ако е навистина така, споделате ја оваа колумна каде вам ви е најлесно и таму напиште го вашето мислење на оваа тема! Ќе ми значи пред сè мене, па еден ден можеби и на сите оние на кои сме им дале функции за да ни ја прават државата поубаво место за живеење и која ќе може да се носи со светските промени кои неизбежно нè обземаат директно или индиректно…

 

Мирослав Драганов

                                                                                       Главен директор за продажба и маркетинг – WIDNET Solutions