Од понеделеник почнува пролетниот распуст за сите ученици

Учениците од основните и средните училишта, од понеделник (29 април) до 6 мај за прв пат ќе бидат на пролетен распуст.

Оваа година покрај воведувањето на пролетен распуст промена има и во календарот за настава за основците, така што учебната година за нив ќе заврши на 17 јуни.

Како што претходно информираше Министерството за образование и наука (МОН), училиштата нема да работат на 8 мај (среда) поради одржување на вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори. Ден претходно, на 7 мај скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата. Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

„Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците“, соопшти МОН.

Ваквата одлука на МОН следува по реакцијата на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кои од Министерството побараа повлекување на одлуката за одработување на изборните денови.