Колумна на Мартин Стрезоски: Мечка

Играла мечка. Ако не е во нашиот двор, тогаш никому ништо. Кај сака нека игра и колку сака нека игра. Па дури и ако игра во соседниот двор. Така е…
Така е ама не е така. Не е сеедно и не може да е.
Не е човековата солидарност само нагонски т.е. исконски порив, туку е и општествен. Тоа што низ годините и низ системите успешно се сузбива, тоа е друго прашање… друг порив.

Но нашата инертност и системскиот инжинеринг доведуваат до тоа да ни се намалува свеста, да ни отрпнува чувството за колективно добро, но и за колективна сопственост, личните апетити да ни растат, а погледите на средината и на светот да ни се стеснуваат.

Верно служејќи и на лицемерно прилагодената максима – прво својот двор па потоа останатитите, рефлексно ја навалуваме главата и од натечените празнични образи не успеваме да си го видиме ни својот двор, а камо ли подалеку, туку остануваме загледани во сопствените чевли. Ни брат, ни мајка, ни сосед, ни пријател, ни дрворед, ни река, ни планина, ни воздух.

Егоисти, сите сте вие исти.
Напади има секојдневно и секаде. Спасувања нема. А само тоа останува на крајот. Се помни (од нашиве рани, долж целиот живот, до вашите касни години) кој, кога и како те спасил… да не изедеш мрсна мусака, да се спуштиш по удолнина, да не испаднеш крив, да не испадеш глуп, да не испаднеш воопшто, да не изедеш ќотек… да испаднеш човек. И не е тоа иницијално љубов, тоа е иницијално човечност. А човечноста подразбира солидарност, помош на „својот род“ кога е „загрозен“, тоа е толку природно.

Во едно младо општество,залутано низ својот развој, солидарноста најпристуна е низ крими-штосови, т.е. како да се надмудри полициска патрола која ѕемне по студови, да се „штракнат долги светла“ и да се продолжи да се „лета“. Полицијата ќе си оди, ТИ ќе станеш супермен што коси.

Солидарност низ фискални штосови како да се плати помал данок, како да се „казни оваа држава што толку малку ни дава назад“. Државата, ако пропаѓа ќе пропадне и со тебе и без тебе. ТИ ќе станеш ситен криминалец, кој ако некогаш го фатат, ќе има условна казна од кривичен, здиплена меѓу свидетелствата, изводот од книга на венчани и дипломата од „машински“.

Солидарност преку смс пораки кои се сѐ поретки, преку хуманитарни концерти кои ги нема, преку тв стории кои „аман на ручек ли да ги гледаме“, преку „добро утро“ кое се мумла и доцни како мамурно чиче.

Хемиска солидарност има, како резултат на ставање во погон на „лозов катализатор”.

Солидарноста не е филозофија. Солидарноста е обичен нагон, но и воспитување од дома. Нешто што го имаш во себе како орган, но нешто што го носиш и од дома кога се мажиш, како јорган. Солидарноста не е тешка, напротив, потешко е кога ја потиснуваш.

Солидарност е сепак само доброволна одговорност.

Солидарност е и формула да сме подобри, да сме побројни.
На некои солидарноста им се сведува и посветува на сопствените чевли, секако ако можат да ги видат, од чкембето.
Без солидарност нема да има кој да ви игра на свадба, туку ќе ви остане само мечката, да ви игра во дворот.