
Бизнисмените Јахоски и Капушевски, екс директорот Ковачевски и уште десетина се спасија од судење, Обвинителството не виде криминал во случајот за „ТЕЦ Неготино“ тежок над 160 милиони евра
Пропадна еден од најголемите случаи, во кој имаше сомнеж за криминал од над 160 милиони евра, бидејќи по сериозните сомнежи на МВР од пред околу една година дека се злоупотребувале тендери за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, денеска од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека предметот се затвара, бидејќи не биле утврдени злоупотреби.
Пропадна еден од најголемите случаи, во кој имаше сомнеж за криминал од над 160 милиони евра, бидејќи по сериозните сомнежи на МВР од пред околу една година дека се злоупотребувале тендери за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, денеска од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека предметот се затвара, бидејќи не биле утврдени злоупотреби.
Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.
Денеска од Обвинителството информираа дела по спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.
-Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.
Во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут. Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија.
Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија.
Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар.
Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата. Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино.
Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средств, велат од Обвинителството.