Полека но сигурно доаѓаме до крајот на базичната економска равенка која завршува со: Капитализмот Е многу „потесен“ од „скромниот“ социјализам.
Сте се запрашале ли некогаш каде се греши равенката? Одговорот е – никаде. Равенката не се греши. Направена е така да се решава, а и така да заврши. Решението е крајно неповолно за сите кои почнуваат со решавање. Во 2021 година, тоа се шест милијарди луѓе, останатите, се во Кина.
Капитализмот може најдобро да се прикаже преку антологиската сцена од филмот „Црно семе“ каде што главните ликови (Дарко Дамевски и Ацо Јовановски) пијат солена вода. Колку повеќе пијат, толку се пожедни.
Така и во капитализмот. Колку повеќе трошиш толку повеќе ти се троши, ти се ствара товар дека мораш да заработиш (обезбедиш, ук…) за да можеш уште и уште да трошиш, да „бидеш во тек“ со модерните технолошки достигнувања, да му се искрадеш на социјалното игнорирање на сѐ она што нема „три камери на грбот“, а воедно да со во тек и со цента на јастогот која е во пораст адекватно и обратнопропорционално со неговото битисување.
Секогаш има нешто плус. Секогаш. Нема крај. Легната осмица.
Бесконечност, до исцрпување, до банкрот на емоциите, до банкрот на умот. До четврта камера, на грбот.
Платите растат, вредноста на парите паѓа. Производителите создаваат, откупувачите откупуваат, кога „ги сака карта“. Писателите пишуваат, читателите купуваат книга и еспресо за 100 денари. Спортски сали се изнајмуваат за симболични суми само кога ќе се соберат 10 играчи, инаку се прилично европски цените. Модерниот ритам е побрз од самбата, поделени ни се фустанчиња, наше е само да играме. Да ја живееме илзуијата дека сме на сточен пазар и НИЕ купуваме, а молиме бога да не ни донесат огледало.
Нозете ни се во еден чевел, напикани, преклопени една преку друга, врвците до крв затегнати да не случајно ни испадне и тој еден чевел што ни останал откако се купи новиот ОтоФОн13…. „јебо вас Бизмарк“.
Така се трошат и последните пари, а не сме ни „почнале“.
Занаетите и вештините се движат кон амбисот ветувајќи им „вечен живот“ бидејќо сѐ дури се тие живи, нема живот за капитализмот кој „не гали“ а и допрва „ќе не мази“.
Кожарскиот занает умира, но затоа скајот се враќа во полн сјај.
Филигранството има реанимација, додека бижутеријата има ренесанса.
Резбарството и копаничарството одат во целосен заборав, но затоа молерајот бележи „тешки“ иконостаси по таваните на тупоглавите.
Сточарството и земјоделството станаа „лукзус“ на сиромашните, додека производните живинарски и сточарски погони се како лаборатории за клонирање.
Медарството полека станува шеќерна магија, а пчелите ги гледаме само во инсектариуми, ама и тоа од 2000та година.
И да ви кажев нешто ново, не ви кажав. Сево ова вие го знаете. И тука е поразот. И покрај тоа што знаете сѐ вие и понатака продолжувате да го живеете животот како на пруга, да не речам производна лента.
Веќе немате ништо против, веќе само апчиња разликувате, зашто храната како и облеката веќе немаат ништо различно. Трендовски бои и материјали се вашите императиви.
На оваа глобална ТЕЖА, ние немаме АНТИТЕЖА.
Празници кои подразбираат празни делници, со сиот раскош на анксиозноста и себепонижувањето во шизофреното брзање по семафори.
Мизеријата штрчи од џебовите како украсно марамче кое ни го одава социјалниот статус, а кој безнадежно се обидуваме да го поттурнеме навнатре, што подолу.
Секој со својот сајбер ореол гледа само одбрани содржини и платени реклами… и по некоја истрчана по грешка неплатена сметка.
АНТИТЕЖА драги мои. Новото време го бара тоа од нас.
Антитежа е сѐ она што не е „сомовско лапање на прва”! Малку резон, малку вкус, малку став. Не е првата полица – “последна шанса”.
Квиз ситуација. Или антитежа или нов тренд во градежништвото.
Станови од цели 18м2( секако во строгиот центар, на Аеродром).