Во новата Влада на Ковачевски ќе има 21 член

Во новата Влада што ќе ја предводи Димитар Ковачевски ќе има 21 член. СДСМ ќе партиципира 12, ДУИ со шест, а Алтернатива со тројца министри. Во овој владин кабинет ќе има еден член повеќе од претходниот – министер без ресор, место што им припадна на Алтернатива.

Од Владата заминуваат 8 досегашни членови, меѓу кои и Зоран Заев. Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана, Венко Филипче од МЗ, но и министерката за образование и наука, Мила Царовска. Заминува и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како и министерката за култура Ирена Стефоска.

На нивните места – актулениот министер за правда Бојан Маричиќ ќе е вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска оди во Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, а актуелниот министер за информатичко општество и администарција, Јетон Шаќири ќе го преземе Министерството за образование.

Јована Тренчевска ќе раководи со МТСП, а Бисера Костадиновска Стојчевска со Култура.

Адмирим Алити ќе е прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи ќе е министер без ресор задолжен за дијаспората.

Фатмир Битиќи останува вицепремиерот за економски прашања, а Славица Грковска ќе е вицепремиер за борба против коруција и криминал.

Во Министерството за правда ќе раководи Никола Тупанчевски, додека прв човек на МВР останува Оливер Спасовски.

Актуелните функции ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи, Благој Бочварски, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши.

Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму прв човек ќе е Горан Милевски, а Министерството за животна средина и просторно планирање останува под раководство на Насер Нуредини.

Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби, додека во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се враќа Љупчо Николовски.

Седницата за избор на новата влада предложена од Димитар Ковачевски е закажана за сабота, во 11 часот.

Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ.

Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.