Ескобар: Со Франција зборувавме С. Македонија што поскоро да ги почне преговорите

Габриел Ескобар, заменик–помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан рече дека зборувал со Франција која од 1. јануари го презеде шестмесечното претседателство со Европската Унија, за што е можно поскоро започнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

„Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат се` повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. Секоја држава што влегла во ЕУ станала подемократска, попросперитетна и постабилна“, изјави Ескобар за Гласот на Америка.

Според него, пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ треба да го реши Европа.

„Ние силно ја поддржуваме кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ, веруваме дека има завршено огромна работа, таа е веќе европска држава, културно и историски европска држава. Оттаму, сакаме да видиме да го почне процесот што е можно побрзо“ – рече Ескобар.

Тој рече дека верува оти ЕУ не ја разочарала Северна Македонија, бидејќи и натаму продолжува да ѝ помага.

-Верувам дека ќе постигнеме соодветен договор за многу кус временски период. Ќе работиме на тоа“ – уверува тој.

Ескобар смета дека шест месеци се доволни да се решат проблемите, иако нагласи дека постои фрустрација меѓу европските партнери оти процесот не се одвива брзо.