Клековски: Во декември нема пробив со Бугарија и ЕУ, тоа остава простор за предвремени избори во април/мај идната година

„Со закажување на партиските избори на СДСМ на 12. декември 2021 година, и последователен избор на премиер и Влада, се потврдува тоа што веќе се знае дека во декемврискиот рок нема да има пробива со Бугарија и ЕУ“ вели меѓудругото во изјава за „Трилинг“ аналитичарот Сашо Клековски.

Трилинг: Дали по повлекувањето на Заев од лидерската и премиерската позиција актуелната коалиција која веројатно ќе се прошири ќе го доврши мандатот со нов мандатар? Можни ли се сепак предвремени избори?

Клековски: „По локалните избори и оставката на Зоран Заев, причините за неприфаќањето на барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори и одлагањето на оставките на Зоран Заев беа ЕУ интеграциите, односно Македонија да има Влада способна да преговара со Бугарија, и донекаде, во услови на надолен тренд на СДСМ, да обезбеди подобар контекст за парламентарни избори.

Ниту првото, ниту второто не исклучуваат предвремени избори. Со закажување на партиските избори на СДСМ на 12. декември 2021 година, и последователен избор на премиер и Влада, се потврдува тоа што веќе се знае дека во декемврискиот рок нема да има пробив со Бугарија и ЕУ.

Следната шанса е јуни/јули 2022 година, што остава простор за предвремени избори во април/мај 2022 година. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат со обновен легитимитет на партиските раководство, но без пробив со Бугарија и ЕУ. Доколку планот 5+1 и почеток на преговори со ЕУ се остварливи, за што постојат сериозни резерви поради позициите на Бугарија, секако дека СДСМ би сакал избори потоа, најверојатно септември 2022 година“.