
Каналите на „Арена“ работат без дозвола, а Агенцијата за медиуми тоа го толерира, велат националните телевизии и МРТ
Петте национални македонски телевизии, здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА), заедно со јавниот сервис МРТ, обвинуваат дека преку нови телевизиски сервиси српски компании ги заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
Петте национални македонски телевизии, здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА), заедно со јавниот сервис МРТ, обвинуваат дека преку нови телевизиски сервиси српски компании ги заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
Од ММА и МРТ тврдат дека располагаат со материјални докази според кои спортските канали „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ подолг период работат без домашна дозвола, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги третира како странски програмски сервиси што се реемитуваат во земјава.
Според нив, проблематично е тоа што продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат во Македонија, а програмата се емитува на македонски јазик.
– Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ каналите „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ не постојат, што значи дека не се домицилни српски канали – наведуваат од ММА и МРТ.
Истовремено, посочуваат дека во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси што емитуваат програма на српски јазик.
Поради тоа, ММА и МРТ бараат истражните органи и надлежните институции да утврдат дали на овој начин е заобиколена законската обврска за поседување дозвола, дали е предизвикана штета на државниот буџет поради неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците и одговорните лица на телевизиските сервиси, како и кај службеници во АВМУ.
– Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права, познато како ТВ-пиратерија. За жал, долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот, како Хрватска, Албанија, Босна и Србија, бараме конечно да влезе во радарот на македонскиот регулатор – се наведува во реакцијата.
Од ММА и МРТ предупредуваат дека нема да дозволат истиот модел на, како што велат, евентуално изигрување на законите да биде применет и во случајот со најавениот „Еуроњуз Македонија“. Тие се противат на можноста АВМУ да го третира овој канал како странски сервис, слично како каналите на „Арена Премиум“.
– Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило. ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ – соопштија од ММА и МРТ.
На реакцијата на телевизиите се надоврза и опозициската СДСМ, од каде велат дека заедничкото соопштение на ММА и МРТ го потврдува она на што партијата предупредувала во изминатите месеци.
Од СДСМ обвинуваат дека во Македонија влегува „српска медиумска машинерија“ преку заобиколување на домашните закони и тврдат дека целта е создавање медиумска структура поврзана со веќе постоечката, како што ја нарекуваат, „Орбанова медиумска мрежа“. Партијата соопшти дека во целост ги поддржува барањата на телевизиите.