
Костадиновски возврати со домашен „фолклор“ на бруката од Стразбур
Ако до јануари не заврши постапката Македонија ќе остане без свој судија во Судот во Стразбур, затоа што на Јован Илиевски ќе му заврши и продолжениот мандат.Откако се стави во ситуација да исполнува желби на премиерот, Костадиновски го губи кредибилитетот во Стразбур на дневна основа, а објаснувањата дека сакал дискрециона постапка за изборот на судија не го покриваат фактот дека ја стави Македонија во групата на земји познати по обидите да го контролираат правосудството и дека кандидатите што ги предлага неговата комисија – не се достојни за функцијата.
Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Дарко Костадиновски – место да одговори зошто седум дена молчел за одлуката на Стразбур да ни ја врати по третпат листата за судија во Судот за човекови права- започна домашна кавга, продавајќи ни фолклор место отчетност.
Откако се стави во ситуација да исполнува желби на премиерот, Костадиновски го губи кредибилитетот во Стразбур на дневна основа, а објаснувањата дека сакал дискрециона постапка за изборот на судија не го покриваат фактот дека ја стави Македонија во групата на земји познати по обидите да го контролираат правосудството и дека кандидатите што ги предлага неговата комисија – не се достојни за функцијата.
Факт е дека по година и половина Македонија не успева да предложи трет кандидат што ќе ги задоволи критериумите на Советот на Европа, а ако не успее и наскоро, ќе остане без свој судија во Стразбур од јануари идната година. Тогаш истекува растегнувањето на мандатот на актуелниот судија Јован Илиевски, бидејќи во април годинава Парламентарното собрание во Стразбур усвои резолуција со која нема повеќе неограничени мандати за судии, односно се става крај на практиката на недемократски влади да го развлекуваат изборот на нов судија до недоглед, бидејќи тој што е сега таму повеќе им одговара, со оглед на регулативата дека постојниот си оди тогаш кога ќе биде избран следниот.
Од Комисијата за избор на наш кандидат во Стразбур, што ја води Костадиновски, порачаа дека „не е невообичаена практика Експертскиот панел во постапката за избор на судии да има забелешки на предлозите за судии и дека во својата практика има досиеја на враќање на цели листи, или на одредени кандидати од тие листи“. Ако се погледнат пак досиејата на земјите објавени од Советот на Европа, листи им биле вратени на Унгарија, на Полска, на Словачка (единствена земја која во моментов нема судија во Стразбур), на Србија, на Албанија, на Грузија и на Турција – што доволно кажува во кој профил на земји се вклопува Македонија.
Во Комисијата имале принципиелен став дека „нема да ги коментираат изјавите и ставовите на кандидати кои се пријавиле и учествувале во огласот и во постапката за избор“, реагирајќи на јавните критики од страна на поранешната уставна судијка и директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска. Таа вчера јавно го искоментира враќањето на листите и оддолжувањето на постапката.
„За да се враќа листата толку пати, значи Комисијата не си ја завршила работата како треба, според упатството на Советодавниот панел. Срамота“, напиша Габер-Дамјановска на својот Фејсбук профил.
„Конечно, и покрај принципиелниот став, Комисијата сепак смета дека е неприфатливо кандидат кој е незадоволен од работата на Комисијата, нејзината работа да ја квалификува на недостоен начин. Во таа смисла доколку и Комисијата одговори на истиот начин, одговорот би бил дека тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на Државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на Комисијата “, стои во контра реакцијата од Комисија за избор на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права.
Тие притоа алудираат на извештајот на ДЗР за утврдените состојби во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) за 2024 година, каде меѓу другото беа проблематизирани некои исплати на надоместоци, процедури за јавни набавки и контролата на трошењето на јавните средства.
Вчера беше објавено дека Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа оценил дека предложената кандидатка Ана Дангова-Хуг не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур, по што македонската комисија предложила ново име, адвокатката Јелена Ристиќ. Во медиумите Дангова фигурираше како „ќерка на бранителот на Никола Груевски“, Димитар Дангов, додека Јован Илиевски како „баџанакот на Сашо Мијалков“, а вратениот кандидат Јордан Апостолски како брат на адвокатот Јован Апостолски – бранител на Мијалков. Според Комисијата, сепак таквата поврзаност не била причина за одбивањата, туку фактот дека Дангова немала доволно професионално искуство во работа со случаи во Стразбур, нешто што по се изгледа го нема и новопредложената Елена Ристиќ, која доаѓа од Адвокатската комора и едно време работела на Американ колеџ.
Освен Полска, на која трипати ѝ биле враќани листите, Македонија практично стана единствената земја што се соочила со волку рампи од Судот за човекови права во Стразбур. Првата комисија за избор ги предложи како кандидати судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски, но уште пред листата да биде испратена до Советот на Европа, беше формирана нова комисија, предводена од претседателот на Уставниот суд, во која членуваат и претседателите на Врховниот, Кривичниот и Граѓанскиот суд, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители. Во ноември минатата година новата комисија ги предложи како кандидати за судија во Стразбур Јордан Апостолски, адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски, но веќе во мај Апостолски мораше да биде заменет со Ана Дангова-Хуг, која стана третопредложена кандидатка. Според правилата на Стразбур листата мора да има три члена за да биде спроведен изборот, а Комисијата за избор на судиите во Советот на Европа треба да посочи кој од нив го смета за најсилен кандидат. Советодавниот панел, пак, треба „да ѝ помогне“ на земјата да состави листа доволно кредибилна за да биде избран судија во Стразбур.
„Ние членовите на Комисијата се состанавме на 20 август и едногласно ја избравме долгогодишната адвокатка Јелена Ристиќ, која предаваше и на Американ колеџ, а зад која стојат и повеќе нејзини научни трудови. Сметаме дека таа ги исполнува критериумите на Експертскиот панел, дека ќе го помине филтерот и конечно ќе биде утврдена листата од тројца кандидати од Македонија за судија во ЕСЧП, за да може да бидат извршени интервјуата со секој од нив и Судот да го избере најдобриот“, порача вчера Костадиновски, надевајќи се дека целиот процес ќе заврши во октомври – или најдоцна до сесијата на Советот на Европа во јануари. Во меѓувреме, македонскиот судија Јован Илиевски ќе седи во Стразбур со истечен деветгодишен мандат од јануари годинава.
Практично во моментов трае надмудрувањето меѓу Советот на Европа и Македонија, при што ако продолжи тестирањето на кандидати што не поминуваат во Стразбур, Македонија може само да остане без судија во оваа институција – главно на своја штета бидејќи има куп случаи против нашата држава.
Од Советот на Европа јасно покажаа дека сакаат да стават крај на лошите практики да се именуваат судии по вкусот на власта од страна на некои држави и го изгласаа тоа во резолуција. Во неа меѓудругото стои дека „Парламентарното собрание на Советот на Европа е длабоко загрижено од доцнењата во презентирањето на листите на кандидати од страна на некои држави-страни, вклучително и оние што треба да заменат еден или повеќе кандидати по отфрлањето од страна на Собранието. Оваа ситуација резултира со фактичко продолжување на мандатот на актуелните судии (во некои случаи далеку) надвор од нивниот мандат или со отсуство на актуелен судија. Ова не само што создава нееднаквост меѓу актуелните судии, проблеми и неизвесност за оптовареноста на Судот и засегнатите судии, туку е и спротивно на духот на необновливиот мандат од девет години. Собранието смета дека е време да се воведе механизам за обесхрабрување на овој феномен и да се изврши притисок врз засегнатите држави-страни да поднесат соодветни листи на кандидати навремено. Ова би можело да се постигне со измена на член 23.2 од Конвенцијата за да се овозможи максимум една дополнителна година за актуелен судија по мандатот од девет години“.
Поранешната уставна судијка и екс-директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска беше прв предлог на надлежната комисија на Парламентарно собрание на Советот на Европа во 2016 година, но пленумот го избра Јован Илиевски во услови, како што се известуваше тогаш, на непримерни лобирања и сомнежи за корупција.
Текстот е преземен од Независен.мк