ДРАМОЛЕТКА

Колумна на Мартин Стрезоски

Секој во себе носи одредена драматуршка нит. Ќе признаете, бар во еден момент на животот тоа сте го помислиле за некого. А за себе можеби никогаш. Тоа е затоа што телевизорот нема ретровизор. Тоа е зашто полесно е другиот да го видите отколку себе да се чуете.

Е сега доаѓа на ред градацијата односно прво квалитетот на самата драматуршка нит кој го поседувате.

Луѓето не се делат на богати и сиромашни, туку на оние со посилни „драматургии“ и со послаби.

Се’ е релативно. Само драматургијата е апсолутно релевантна. Бар денес, бар тука, а всушност секаде. Со таа квази драматургијата всушност не им го земате лебот на драматурзите, туку на сите останати. На инжињери, на доктори, на книжевници, на текстилни работници, на војници… Драма има повеќе од било кога.

Денес е општа хистерија по „драматуршките курсеви“, офлајн, офрекорд, сите чекаат камчињата зариени во песок да бидат покриени со драмскиот „бран“, да го добијат сјајот, да се искорнат од песокот и да се затркалаат, да ни се влезат во чекорот, меѓу прстите во сандалите, и да станат „драги“ во буквална смисла на зборот.

Професиите ја присвоија драмата. Никогаш не била поприсутна во административниот живот, а никогаш не била поотсутна во театрите. Драмата во театарот трае час и половина и завршува. Тоа е нејзината поента. Тука е магијата, во неодржливоста. Трае кратко, но интензивно и ја снемува. Ништо, празни штици, празни столчиња.

Драмата да треба да трае ќе се вика шестомесечен економски развој. Драмата да треба да трае ќе се вика циклус. Драматургијата се тера за се’ и сешто. Во сите прилики без разлика на бојата на текстилот. Во работно време и во време за себе. Таа пренагласена драма, таа „падавичност“ лажна саможртва и вистинска времетрошина. Ете тоа го има, пропратено со многу цигари, брчки по челото од лажно „секирање“. Ве молам, одморете ја драмата, земете лек за смирување на „покачените драматуршки вредности“, аман одете понекогаш во театар за да раздвоите црно од бело и бар еднаш достоинствено одмолчете го паничниот напад поради немање што со себе да се направи. Од сe’ се прави спектакл и шоу, патувачки циркус, само уште не сте почнале да мкнете церада за монтажниот шатор.

Следи ситуација во којa подигањето на нивото на себепонижување ако не се следи, ве исклучуваат на маратонската помошна лента, а тие продолжуваат да ја трчаат самопонижувачката трка.

Лажни солзи биваат наградувани со лажни „меки зборови“ и со цврсти ракувања.

Нов тонер – третопласиран, два слободни дена – второпласиран, биро покрај прозор – првопласиран. Лажна трка со уште полажната „просечна плата“ пропратено од оркестарот што свири – „јер то је живот мој, јер то је живот мој“

Драматуршки осврт на една недела. „Многу тешка, еве и бензинот и на работа „некои работи се десија“ зграда ќе прават подолу во улицава, што да ти кажувам“. Еден тон ефтини драмолетки околу нас. Феноменот со драмолетките во главниот град е се’ поприсутен. Да, да, во главниот, дека тука се’ мора да е „главно“. Само излезете на паркинг, само пречекорете улица, само влезете во маркет, само влезете во лифт или само одете по извод од јавни книги. Како да сте се нашле во средина на некоја крајно очајна сцена, но без право на текст, само гледате од страна и уживате во сопственото пропаѓање низ времето. Ви се плаче кога гледате како ви оди еден ден, еден месец, една година. Потоа ви доаѓа смеење зашто ова не е реално. Ова е надвор од памет.

Вашите драмолетки што ги терате додека пренесувате знаење, додека лекувате некого, додека запишувате лични податоци траат толку долго, да човек си го замрази и животниот век.

Госпоѓи, господа, тоа не е илузија, тоа не е нешто замислено. Тоа се нашите животи, тоа е нашето време, тоа е нашата иднина. Како залутани во некој лик сте, мислите ова е театар. Ако ви се глуми, мрш на приемен испит на ФДУ. Директно од лекарските и професорските кабинети, од столчињата во канцелариите.

Вие реално се имате преиграно. Ова не е филм, уште помалку ваш. Ова е наш заеднички простор, ова се туѓи животи кои вие малку по малку ги опструирате и минирате. Сите сакаат некоја друга улога. Професорот – политичар, политичарот –доктор, докторот – професор, продавачката – докторка, фризерот – хемичар.

Ефтини драми, предолги, пренападни, прелоши, на очиглед на јавноста, на очиглед на студентот што дреме во ходник, на очиглед на пациентот што дреме во чекалните, на очиглед на граѓанинот со 5 кг документација во рацете кој дреме во смрдливите баракичиња, несвесно инвестирајќи во „скапи количиња“. Без трошка срам и без трошка свест се тераат катадневно вашите ефтини драмолетки, општеството стагнира а веќе и деградира. Затоа и луѓето не одат веќе во театар, смачено им е. Се што се поставува на сцената во врметраење од еден и пол час за 300 ден, го имаат секојдневно по неколку часа и тоа бесплатно, а за жал избанализирано до крајни граници и што е најлошо, никогаш не запира. Реплики, шминка, костимографија, солзи, по некоја промаја,… се на кило и се многу гнило.

Вашата драматуршка нит прогресирала. Жал ми е, луѓето околу Вас немаат уште многу нерви… за трошење.

Ќе Ви треба терапија, алое вера и ќутење три пати на ден по пола саат. Дојдете за две недели, ќе видиме како ќе се чувствувате. Ако нема резултати, ќе направиме напори преку нашата амбасада во Р.С. да се обезбеди место во „Задруга“. Тоа е. Имајте пријатен ден. Следниот…

П.С.

Оваа колумна настаната пред извесно време, а како литературно уметнички израз, во овие денови на жалост, со најдлабока почит и сочувство ја посветувам на жртвите од големата трагедија и на нивните семејства.