Грковска: Судиите не може да бидат заштитени за лоши или тенденциозни одлуки

„Отпорноста кон корупцијата кај граѓаните е сведена на нула. Слободата на изразување доаѓа до тој степен, па граѓаните се нетолерантни, не сакаат да слушнат за непостапување“ вели Славица Грковска, заменик на премиерот задолжена за добро владеење во најновото издание на Трилинг.

За констатацијата на Судски совет дека Апелација свесно го држела во фиока предметот на Сашо Мијалков, Грковска вели „нема да бидам политички коректна. Дојдени сме до степен по толку години демократија дека веќе нема изговори во правосудниот систем, дека немаат услови. Има повторно недоверба во правосудниот систем. Сметам дека повикувањето на транспарентност во објаснувањето на судските пресуди не претставува мешање и конкретно, очекувам Обвинителство да истражи кои се побудите и зошто двајца судии овој предмет го држеле во фиока“.

За критиките до обвинителите со изборот на шефот на Обвинитеството, Абази, таа вели:

„Мојот личен став дека Јовески не заслужува да биде избран за уставен судија не е мешање. Знам дека е чудно, до сега не се случило висок владин претставник да излезе со личен став. Ние сме сведоци дека до сега беше незамисливо некој висок владин претставник да искаже свој став. Ние сме јавни личности. Не мислам дека зад независноста која Уставот ја обезбедува треба самоволно да се однесуваме. Не смее независноста која и извршната и законодавната, но и судската власт ја има да се користи како изговор за самоволие. Сите ние имаме одговорност пред граѓаните. Добар чекор е што Апелација излезе транспарентно да ја објасни својата одлука и благодарение на тоа, да се зголеми чувството на обврска кон граѓаните“ вели Грковска.

Мијалков ја контактирал Русковска, побарал наместо зад решетки да оди во куќен притвор, желбата му ја исполнил републичкиот јавен обвинител Јовески.

На прашање дали ова е уште еден пример на неказнивост во општеството, Грковска вели:

„Резултатите од работата на Јовески не се на такво ниво за да му обезбедат да биде уставен судија, да има унапредување во работата. Јас сметам дека секој од нас има одговорност, не може да биде еден човек причина за ваквата состојба во општеството. Корупцијата е проблем на кој сите треба да се спротивставиме“.

„Треба да се зајакнат критериумите за избор на судии и обвинители, за упис во Академија на судии и обвинители. Просторот за избор на кадри кои ќе бидат несоодветни ќе се намали. Да бидат луѓе со интегритет, професионалци, кои ќе покажат дека пред законот сите сме еднакви. Само така ќе се врати довербата во институциите“ смета вицепремиерката.

За најавата дека ќе иницира поведување кривична одговорност за тројца високи функционери, иако не откри за кого се работи, и дали се тоа функционери од Владата, таа посочи:

„До сега имаме дадено три постапки, од кои за две имаме повратно дека ќе се поведе постапка. Јас сум приврзаник на пресумпцијата на невиност, јас сум легалист, очекувам институциите професионално да ја завршат работата“.