(ВИДЕО) Јовановска: Груевски или ќе си најде нова дестинација или ако дојде дома ќе биде амнестиран
➡Јасно е дека во Унгарија луѓето сакаат промена, од досегашната политика што ја водеше Орбан, којашто значеше некој вид изолација и некој вид политика спротивна на онаа што постои во моментов во ЕУ. ➡Маѓар ќе треба да раскрсти во надворешната политика во однос на Украина, во однос на политиката на десничарските партии што се протегаат од САД до Германија, бидејќи ќе сака да покаже дека се разликува од досегашниот премиер. ➡Она што беше одлучувачко за унгарските граѓани кога гласаа за Петер Маѓар не беше надворешната политика, не беше Путин, иако во голема мерка он ја водеше кампањата на таа карта, туку во најголема мерка надвладеа внатрешната состојба во Унгарија. ➡Орбан играше на картата на про - Русија, играше исто така на картата анти - Киев, но сметам дека тоа му беше најголемата грешка и можеби една од основните причини поради кои што ги изгуби изборите. Мојата анализа беше дека Орбан нема што да им понуди веќе на гласачите. Он е толку истрошен после 16 години на власт, што едноставно нема внатрешно прашање што може да го отвори и што некој во Унгарија ќе му поверува, и затоа мораше да се ориентира кон теми што се надвор од Унгарија и на некој начин играше со националистичките чувства во земјата. ➡Реално, македонската делегација отпатува во Унгарија за да даде поддршка на Орбан пред изборите, меѓутоа таа поддршка беше толку дискретно дадена и толку беше спакувана во некоја друга форма - како меѓувладина соработка, што говореше дека на Мицкоски му е јасно дека Орбан нема да победи и дека за него е личен ризик, односно ќе биде политички пораз ако јавно излезе на сцена како Џ.Д Венс и го поддржи Орбан. ➡Маѓар сака да расчисти со целата политика на Орбан. Во рамките на таа политика спаѓа и азилот на Груевски, што беше актуелна тема во Унгарија. ➡Има две сценарија. Сите ние не можеме да предвидиме што точно ќе се се случи. Едното сценарио е дека Груевски ќе си најде нова дестинација, а второто сценарио, ако веќе дојде во Македонија, ако биде испорачан, јас мислам дека низ правниот лавиринт ќе биде ослободен, вели новинарката Слободанка Јовановска.
„Мислам дека допрва ќе видиме во кој правец ќе се движи Унгарија. Реално политиките и предизборните ветувања што Петер Маѓар ги најави се познати. Очекувам дека ќе има голем пресврт, бидејќи гласачите пратија силна порака на изборите. Јасно е дека во Унгарија луѓето сакаат промена, од досегашната политика што ја водеше Орбан, којашто значеше некој вид изолација и некој вид политика спротивна на онаа што постои во моментов во ЕУ“, вели за „Трилинг“, новинарката на Независен, Слободанка Јовановска.

„Сметам дека и тој ја сфати таа задача што му ја дадоа граѓаните и дека реално, без оглед што потекнува од партијата на Орбан, што е поранешен член на ФИДЕС, што на некој начин ставовите му се конзервативни, мислам дека он сфати дека негова политичка шанса е да раскрсти со тоа што досега се случуваше во Унгарија. Така што мислам дека он повеќе ќе биде склон да гледа кон Брисел, бидејќи во моментов она што е најважно за Унгарија е да ги добие парите коишто се замрзнати поради реформите што Орбан не ги направи.
-Втората работа ќе му биде да раскрсти во надворешната политика во однос на Украина, во однос на политиката на десничарските партии што се протегаат од САД до Германија, бидејќи ќе сака да покаже дека се разликува од досегашниот премиер“, смета Јовановска.

Осврнувајќи се околу тоа дали е ова победа на проевропски ориентираниот Маѓар, наспроти прорускиот досегашен премиер Орбан, Јовановска вели дека она што беше одлучувачко за унгарските граѓани кога гласаа за Петер Маѓар не беше надворешната политика, не беше Путин, иако во голема мерка он ја водеше кампањата на таа карта, туку во најголема мерка надвладеа внатрешната состојба во Унгарија.
„Унгарците платија голема цена за таа изолационистичка политика на Орбан и едноставно се заморија со фактот да бидат „црни овци“ во Европската унија. Орбан играше на картата на про – Русија, играше исто така на картата анти – Киев, но сметам дека тоа му беше најголемата грешка и можеби една од основните причини поради кои што ги изгуби изборите. Мојата анализа беше дека Орбан нема што да им понуди веќе на гласачите. Он е толку истрошен после 16 години на власт, што едноставно нема внатрешно прашање што може да го отвори и што некој во Унгарија ќе му поверува, и затоа мораше да се ориентира кон теми што се надвор од Унгарија и на некој начин играше со националистичките чувства во земјата. Мислам дека тие 16 години на пропаганда во Унгарија, анти – украинска пропаганда, анти – ЕУ, имаат оставено некои корени, и тоа ќе биде тешка задача да се расчисти, да се профилира јавното мислење и да се профилираат граѓаните во друг правец.
-Сигурно има некои остатоци од таа политика, меѓутоа резултатот од таа политика е многу очигледен. Унгарците го почувствуваа и по џебот, и по статусот, и мислам дека затоа расчистија“, вели Јовановска.
„Орбан беше силен поддржувач на интересите на Москва, но јас никогаш не велам никогаш. Јас мислам дека еден ќе падне, друг ќе се појави. Путин сѐ уште го има Фицо. Има силна поддршка во новата полска влада. Исто така Радев е силно проруски, така што десничарските сили и проруските сили не се поразени во Европа. Нивното време не доаѓа на таква голема врата како што се очекуваше, меѓутоа некои губат, некои доаѓаат и се менуваат. Мислам дека ќе треба да помине уште долго време за нивната идеологија да биде сосема поразена, смета Јовановска.

Таа вели дека Орбан беше мек авторитарец и повеќе корумпиран лидер отколку авторитарец.
„Мислам дека времето на авторитарните лидери во Европа тешко дека ќе дојде. Едноставно во Европа не може тоа да се случува, до толкава мера како што гледаме на други континенти“, додава Јовановска.

Прашана дали е ова победа на европското наспроти американското крило, имајќи предвид дека Трамп силно и јавно застана во поддршка на довчерашниот унгарски премиер, Јовановска вели дека нема американско крило во Европа, и општо во светот, не само во Европа, владее големо разочарување од политиката што ја води Трамп.
„Едноставно јас не знам дали некој воопшто ја поддржува таа политика, освен некои десничарски партии коишто се директно поврзани на финансиски, политички план. Реално не гледам проамериканско крило, не гледам ни дека посетата на Венс му помогна на Орбан на изборите, напротив, сите проценки беа дека ќе му наштети, така што мисла дека ова е повеќе дали си проЕвропа или си антиЕвропа. Мислам дека САД тука не играа улога“, вели Јовановска.
Говорејќи околу тоа дали македонската владејачка гарнитура е изненадена од изборниот исход во Унгарија, Јовановска вели дека не се изненадени и тоа се видело при последната посета на премиерот на Будимпешта.
„Реално, македонската делегација отпатува во Унгарија за да даде поддршка на Орбан пред изборите, меѓутоа таа поддршка беше толку дискретно дадена и толку беше спакувана во некоја друга форма – како меѓувладина соработка, што говореше дека на Мицкоски му е јасно дека Орбан нема да победи и дека за него е личен ризик, односно ќе биде политички пораз ако јавно излезе на сцена како Џ.Д Венс и го поддржи Орбан. Никој не веруваше во таа приказна, дури и Венс изјави дека не верувал дека ќе победи. Така што мисла дека во владата одамна се подготвени и соочени со фактот дека Орбан на овие избори нема да добие, и мислам дека за оваа ситуација веќе имаат подготвено сценарио“, вели Јовановска.

Осврнувајќи се на пораката од Петер Маѓар дека Унгарија нема да биде меѓународно засолниште за криминалците, Јовановска смета дека таа порака е очекувана.
„Маѓар сака да расчисти со целата политика на Орбан. Во рамките на таа политика спаѓа и азилот на Груевски, што беше актуелна тема во Унгарија. Пишуваа за тоа многу медиуми.
-Има две сценарија. Сите ние не можеме да предвидиме што точно ќе се се случи. Едното сценарио е дека Груевски ќе си најде нова дестинација, а второто сценарио, ако веќе дојде во Македонија, ако биде испорачан, јас мислам дека низ правниот лавиринт ќе биде ослободен“, вели новинарката Слободанка Јовановска.
„Груевски со новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ е ограничен. Никој во партијата не може да биде повеќе од два пати премиер. Втората работа, јас мислам дека главната цел на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде како он да се амнестира, едноставно да се ослободи од обвиненијата и дека они ќе бидат фокусирани на тоа. Дури и да покаже политичка амбиција Груевски, ние мора да сме свесни дека времето не стои, се сменија околностите, призмата низ којашто сега го гледаме Груевски не е иста како пред 2017-та година.
-Едноставно тој нема што веќе да понуди на граѓаните во Македонија и не знам кој граѓанин ќе гласа за некого што е на црна листа на САД. Мислам дека неговите политички шанси се многу мали, смета Јовановска.
Целото интервју погледнете го во видеото.