
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како да се повлекува од својата претходна изјава дека ако Никола Груевски се појави во Македонија тој од безбедносните органи ќе биде веднаш спроведен во затвор.
Откако се дозна дека полскиот министер за правда веќе во вторникот испрати нови барања за екстрадиција на двајцата министри бегалци од поранешната влада на Право и правда, Мицкоски денеска се обиде да ја разводни сопствената изјави велејќи:
„За да се испрати барање за екстрадиција, прво треба да се спроведе процедура за одземање на азилот. Ако сега испратиме барање, ќе добиеме негативен одговор“.
За таквиот став тој имаше своја елаборација:
„Поранешните членови на полската влада немаат азил. Во нашиот случај, поранешниот премиер има азил“.
Неговата изјава е погрешна. Прашање е дали од незнаење, слаба информираност или од намерно манипулирање на фактите.
А фактите се следни: Поранешниот полски министер за правда, Збигњев Зиобро, и неговиот заменик, Марчин Романовски, пребегнаа во Унгарија по доаѓањето на власт на владата на Доналд Туск, бидејќи беа гонети за многу криминални дела. Во Будимпешта од премиерот Виктор Орбан и функционерите на Фидес беа пречекани како патриотски херои.
Збигњев Зиобро побара и објави дека добил политички азил на 12 јануари 2026. А Марчин Романовски доби политички азил уште во декември 2024. Двајцата се обвинети за злоупотреба на 40 милиони евра од фонд во Министерството за правда и за други криминали. За Зиобро има вкупно 26 обвиненија поврзани со проневера на пари од фонд наменет за жртви на криминал и рехабилитација на криминалци. Тој е обвинет и за купување шпионски софтвер „Пегасус“, кој наводно бил користен за хакирање на телефоните на политичките противници. Тој вели дека е жртва на политички прогон. Доколку биде осуден му се закануваат повеќе од 20 години затвор. Тој беше осум години министер за правда на Полска, од 2015 до 2023. Марчин Романовски се гони по 19 обвиненија. И тој ги негира сите обвиненија.
Кога владата на Орбан му даде политички азил на Романовски, полскиот министер за надворешни работи, Радислав Сикорски, реагираше со овие зборови на Икс:
„Сметаме дека одлуката на владата на Виктор Орбан да му додели политички азил на М. Романовски, осомничен за кривични дела и баран по европски налог за апсење, е чин непријателски настроен кон Република Полска и принципите на Европската унија“.
Одлуката на Унгарија овој јануари да му даде азил на Зиобро дополнително ја разбесни Варшава и покрена прашања за способноста на ЕУ да спроведе соработка меѓу земјите-членки. Полскиот министер за правда, Валдемар Журек, го нарече потегот „опасен преседан“, предупредувајќи дека тоа би можело да им овозможи на владите да ги заштитат политичките сојузници од одговорност дома.
Истиот министер Журек, кој е и генерален обвинител, во вторникот испрати две писма до Будимпешта, во кои бара одговори за тоа што се случило со европската потерница издадена против Зиобро и Романовски и Унгарија да испрати официјална потврда за нивниот политички азил. Полската страна претходно ги контактираше унгарските власти поставувајќи слични прашања, но одговорот добиен на 30 март беше опишан како „недоволен“.
Полското обвинителство пак го отвори случајот два дена откако Петер Маѓар, претседателот на партијата Тиса, победи со двотретинско мнозинство на изборите.
Новоизбраниот унгарски премиер претходно неколку пати зборуваше за поранешните полски политичари кои избегаа во Унгарија. На неговата меѓународна прес-конференција во понеделникот, тој рече дека Унгарија не може да биде „скривалиште за меѓународно барани криминалци“, споменувајќи го притоа и Никола Груевски, и вети дека во иднина ќе обезбедат соработка според меѓународното право, што значи дека ќе ги екстрадираат оние кои се гонат во други земји. Тој додаде: ако двајцата полски политичари немаат што да кријат, треба да се вратат во Полска и таму да се ослободат од вината.
Маѓар на прес-конференцијата ја повтори својата претходна изјава: „Не купувајте повеќе мебел во ‘Икеа’, Унгарија нема да стане скривалиште за меѓународно барани криминалци“.
Македонија има издадено меѓународна потерница за Груевски кој има политички азил во Унгарија. Барањето за екстрадиција беше испратено во 2018 година веднаш по бегството на Груевски, но беше отфрлено од унгарските власти.
Македонското Министерство за правда соопшти дека од денес ќе почне да ги прибира документите од досието за Груевски и потоа ќе одлучи како ќе постапува. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека доколку Груевски се појави во Македонија веднаш ќе биде испратен в затвор на издржување на казната. Од Груевски нема глас откако во неделата на Фејсбук го честиташе Велигден. Не се знае дали тој воопшто е во Унгарија.
Во интервју за „360 степени“, адвокатот од Хелсиншкиот комитет на Унгарија, Жолт Секереш, изјави дека бегалскиот статус на едно лице подлежи на ревизија на секои три години. Според него, преиспитување може да се иницира и вонредно, но во таков случај се потребни неколку месеци за да се донесе правосилна одлука, независно од политиката и изјавите на човекот за кого се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар.
Секереш не ја исклучи можноста Никола Груевски веќе да има унгарско државјанство. Тој имал право да поднесе барање за државјанство три години по добивањето бегалски статус, а одлуката по ваквите барања е дискрециска и ја носи унгарскиот претседател.
Преземено од Независен.мк