(ВИДЕО) Златев: Ако Маѓар сака да му направи услуга на Мицкоски тогаш ќе го испорача Груевски

➡Унгарија ќе се движи во еден правец во кој за многу работи веќе се движи, но се очекува приближување кон европските политики, односно поголема усогласеност на официјална Будимпешта со политиките на официјален Брисел. ➡Сликата во Унгарија е многу јасна - имате три парламентарни партии, и сите три и припаѓаат на десницата. Така што во делот на национализмот, на десничарскиот популизам, не се очекуваат некои круцијални разлики во однос на владеењето на Виктор Орбан, но во делот на усогласеност со политиките на ЕУ и политика во однос на Украина пред сѐ, е далеку повеќе усогласена со онаа на ЕУ, тогаш да, Петар Маѓар се очекува да го смени курсот и Унгарија да влезе во еден сосема поинаков правец. ➡Проруската политика на Орбан беше исклучиво од делот на политичката економија, односно делот на меѓународната трговија. Неговиот концепт за функционирање на Унгарија како европска нација е ист со концептот на Петер Маѓар, кој практично доаѓа од неговата политичка партија. Така што европска или руска Унгарија никогаш не беше тема, и верувам дека и сега не е тема, иако многумина, особено новата власт во Унгарија сака така да го портретира, но работите не изгледаат баш така. ➡Русија никогаш не ги користела унгарските канали за влијание во регионот. Сосем спротивно, Русија секогаш се обидувала и создавала свои канали, затоа што Унгарија никогаш не била прокси на Русија во однос на балканскиот регион. ➡Поддршката на Доналд Трамп на Орбан му делуваше токсично на овие избори, затоа што очигледно дека сентиментот во Европа, особено по почетокот на конфликтот со Иран, е прилично анти Трамп, и практично Орбан изгуби дел од поддршката најмногу затоа што беше сервилен на двоецот Трамп - Нетанјаху, и што буквално делуваше спротивно од ставовите на огромен дел од популацијата на Унгарија. ➡Сметам дека Груевски веќе има добиено и унгарско државјанство, и не знам дали има договори за екстрадиција, но тоа сепак е една законска процедура која не трае ни еден месец, ни три месеци, а ни шест месеци, па и ни година дена. ➡Доколку Маѓар го испорача Груевски, изјавата на македонскиот премиер беше јасна - дека ние сме подготвени да го пречекаме и да го упатиме таму кадешто му е местото, и доколку сака Петар Маѓар да му направи огромна услуга на Мицкоски, сметам дека тој би го испорачал Никола Груевски, затоа што така и последниот товар кој го има ВМРО-ДПМНЕ од минатото, тие би го расчистиле, вели новинарот Љупчо Златев.

„Унгарија ќе се движи во еден правец во кој за многу работи веќе се движи, но се очекува приближување кон европските политики, односно поголема усогласеност на официјална Будимпешта со политиките на официјален Брисел“, вели во „Трилинг“, главниот уредник на „Лидер“, новинарот Љупчо Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

„Многу интересна статија имаше Мајкл Можбаер, уредник – коментатор на ‘Дејли Телеграф’. Тој вели – ‘На последните избори Унгарците избраа орбанизам без Орбан’. Во однос на политиките за миграција, доколку ја прочитате програмата на новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ќе видите дека тој има дури порадикални позиции од оние на Виктор Орбан. Во оние конзервативни политики, во делот на поддршка на многудетни семејства, ограничувањето на правата на луѓето со ЛГБТ определба и тн., Петер Маѓар е дури порадикален од Виктор Орбан.

-И сликата во Унгарија е многу јасна – имате три парламентарни партии, и сите три и припаѓаат на десницата. Така што во делот на национализмот, на десничарскиот популизам, не се очекуваат некои круцијални разлики во однос на владеењето на Виктор Орбан, но во делот на усогласеност со политиките на ЕУ и политика во однос на Украина пред сѐ, е далеку повеќе усогласена со онаа на ЕУ, тогаш да, Петар Маѓар се очекува да го смени курсот и Унгарија да влезе во еден сосема поинаков правец“, вели Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

Прашан дали ова значи дека изборниот резултат е всушност победа на проевропската ориентација наспроти проруската, Златев вели дека Орбан, барем за внатрешна употреба, никогаш немал проруски политики.

„Политиките на Виктор Орбан беа првенствено дека ние смееме и ние треба и мораме да правиме бизнис со Русија. Проруската политика на Виктор Орбан не беше идеолошка. Проруската политика на Орбан беше исклучиво од делот на политичката економија, односно делот на меѓународната трговија. Неговиот концепт за функционирање на Унгарија како европска нација е ист со концептот на Петер Маѓар, кој практично доаѓа од неговата политичка партија. Така што европска или руска Унгарија никогаш не беше тема, и верувам дека и сега не е тема, иако многумина, особено новата власт во Унгарија сака така да го портретира, но работите не изгледаат баш така“, смета Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

Осврнувајќи се на тоа дали со падот на Орбан всушност паѓа и чадорот и влијанието врз Балканот, и руското мешање во регионот, Златев вели дека Русија никогаш не ги користела унгарските канали за влијание во регионот. Сосем спротивно, Русија секогаш се обидувала и создавала свои канали, затоа што Унгарија никогаш не била прокси на Русија во однос на балканскиот регион. Унгарија себеси се доживува, јас сум го запознал и во 2016-та сум го сретнал Петер Маѓар, и можам да ви кажам дека од секогаш Унгарија се доживувала себеси како регионална сила. Тоа е оној сентимент оставен од австро-унгарската империја. И тие секогаш, дали зборуваме за влијанието во телекомот, влијанието во аквизиција на одредени медиуми, влијанието во политиката, во кредитни договори кои ги има и со Македонија, договори за стратешко партнерство кои ги има и со Хрватска и со Македонија, Србија, Словенија, секога се доживувале себеси како регионална сила, и никогаш не делувала како прокси на Русија, и не може да го гледаме тоа дека сега Русија ќе добие или изгуби, или западот ќе добие или ќе изгуби.

-Унгарија секогаш своите политики овде ги гледала како свој експанзионистички економски интерес, затоа што тие доаѓаат од Централна Европа, имаат повисок економски стадиум од сите нас и едноставно сакаат економски да влијаат, сакаат, да бидам најбрутално искрен, да прават пари во регионот“, вели Златев.

„Поддршката на Доналд Трамп на Орбан му делуваше токсично на овие избори, затоа што очигледно дека сентиментот во Европа, особено по почетокот на конфликтот со Иран, е прилично анти Трамп, и практично Орбан изгуби дел од поддршката најмногу затоа што беше сервилен на двоецот Трамп – Нетанјаху, и што буквално делуваше спротивно од ставовите на огромен дел од популацијата на Унгарија. Она што ќе остане јасно после овие избори е дека Орбан погреши кога мислеше дека поради меѓународната поддршка ќе ги добие изборите. На крај излезе дека поддршката можете да ја добиете или да ја изгубите единствено од граѓаните. И Трамп не само што не му помогна, па беше таму и потпретседателот на САД, Венс, туку му одмогна во неговото претставување пред унгарскиот народ како автентичен борец за интересите на Унгарија и Унгарците“, смета Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

Говорејќи околу пораката од Петер Маѓар дека Унгарија нема да биде меѓународно засолниште за криминалците, Златев вели дека тоа е процес и ако се земат законските прописи во Унгарија, тоа ќе биде многу тешка мисија, доколку сака да го испорача назад Никола Груевски, затоа што тој веќе има добиено азил за одреден случај.

„Има законски процедури и права кои ги добива секој кој добил азил. Меѓудругото сметам дека Груевски веќе има добиено и унгарско државјанство, и не знам дали има договори за екстрадиција, но тоа сепак е една законска процедура која не трае ни еден месец, ни три месеци, а ни шест месеци, па и ни година дена.

-Доколку има политичка волја може и да го екстрадираат, иако не верувам дека тоа сега ќе му биде еден од приоритетите на Маѓар. Тој има многу позначајни работи да реши во првите месеци од неговото владеење. А доколку го испорача, изјавата на македонскиот премиер беше јасна – дека ние сме подготвени да го пречекаме и да го упатиме Груевски таму кадешто му е местото, и доколку сака Петар Маѓар да му направи огромна услуга на Мицкоски, сметам дека тој би го испорачал Никола Груевски, затоа што така и последниот товар кој го има ВМРО-ДПМНЕ од минатото, тие би го расчистиле, вели Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

Прашан што е поверојатно, екс-премиерот Груевски да биде вратен дома, или поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да најде ново засолниште, главниот уредник на „Лидер“ вели дека не знае која би била алтернативата која тој би ја барал во овој процес.

„Но доколку Груевски бара засолниште, познавајќи ја неговата политичка лукавост, можам да се обложам дека тоа нема да биде Русија, Кина или некоја земја кадешто многумина би сакале тој да отиде, вели Златев и додава дека не смета дека е можен политички потрес од евентуалното враќање на екс-премиерот во Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ има цврста структура која секогаш е обединета околу лидерот. Многу похаризматични лидери од типот на Љубчо Георгиевски не успеале да направат потрес во партијата, така што не верувам дека и Груевски би го направил истото, но дека евентуалното негово враќање ќе биде атрактивна тема за медиумите и политичката сцена е јасно. Но за политичките реперкусии од тоа искрено сум скептик“, смета Златев.

„Македонската дипломатија, односно македонската надворешна политика се потпира на истите луѓе на кои се потпираше Орбан. Тоа се Трамп и Нетанјаху. Не го ставам Путин овде затоа што во однос на Украина, Македонија има дијаметрално спротивни ставови од оние кои ги имаше власта на Орбан, но во однос на случувањата на Блискиот Исток, во однос на геноцидот во Газа, македонската политика покажа сличен став со оној на Виктор Орбан. Ние се сеќаваме на оние гласања во ОН, кадешто ние гласавме заедно со Унгарија и со уште неколку острови, банана држави, против хуманитарна помош за Газа. Тоа е многу проблематично и сметам дека токму овој резултат на Орбан, треба да ја мотивира македонската надворешна политика да се тргне од двоецот Трамп – Нетанјаху и малку повеќе да се усогласи со европската надворешна политика.

-Договорот со Британија и соработката со Британија е чекор кон тоа. Но ни треба уште еден дополнителен чекор, затоа што е очигледно дека таа врска која ја имаше Орбан со Трамп и Нетанјаху се покажа како токсична за него. Не сакаме таа врска да се покаже како токсична за иднината на нашата земја, вели Златев.

Целото интервју погледнете го во видеото.