Верската група преселена од Куманово во Скопје

Припадниците на еврејската верска заедница за кои изминативе денови се крена голема врева го напуштиле Куманово и во моментов се во Скопје, соопштија денеска надлежните од МВР.

Оттаму повторно потсетуваат дека лицата имааат легален престој и привремено престојуваат во државата.

„Лицата за кои прашувате го напуштија Куманово и во моментов се во Скопје. Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“ – соопштија од МВР.

Во групата, како што претходно информираа од кумановската полиција, има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, кои како што посочија, имаат легални патни исправи односно документи и имаат одобрен престој во Република Северна Македонија.