Додик: Србите имаат две држави – Република Српска и Србија!

Милорад Додик – членот на Претседателството на БиХ денеска изјави дека Денот на државноста на Србија, во Република Српска се доживува како заеднички празник. Дел од босанските медиуми веднаш реагираа на изјавата на Додик, оценувајќи дека тој продолжува со сепаратистичката реторика.

„Во Република Српска го одбележуваме овој ден како свој. Ја гледаме Србија како матица. Србија ни дава гаранции и засолниште, ни помага и ни дава поттик“ рече Додик на централната манифестација за одбележување на Денот на државноста на Србија.

Според него „Србите секогаш им носеле слобода на другите народи“.

„Се среќаваме тука и го одбележуваме нашиот заеднички празник, празник кој е посветен на Првото српско востание, денот кога Србите во посветена борба за слобода, го кренаа востанието и започнаа со изградба на српската државност и слобода за сите кои живеат тука“ – додаде Додик.

Тој потенцираше дека Србите денес имаат две држави – Република Српска и Србија.

„Србија која е гарант на мирот и безбедноста, која ја сакаме и се радуваме на секој нејзин напредок, Србија која е гарант за опстанок на сите Срби“ нагласи Додик.