
Од утре парно греење за корисниците на АД ЕСМ
Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но во согласност со регулативата може да започне и порано, во периодот од 1 до 15 октомври
Од утре парно греење ќе имаат корисниците приклучени на системите за греење со кои управува АД ЕСМ преку ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје и Подружница „Енергетика“.
Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но во согласност со регулативата може да започне и порано, во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12 °C.
– Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 °C, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на РКЕ. До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден – информира денеска АД ЕСМ.
Оттаму посочуваат дека според правилата, во месец октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува.
При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува. Со ваквиот начин на регулирана испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите, велат од АД ЕСМ.
Од АД ЕСМ апелираат до корисниците да ги завршат подготовките на своите внатрешни грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници, редовно електрично напојување, подмирени сметки за електрична енергија и функционални електрични инсталации.
Сите потрошувачи на ЕСМ Снабдување со топлина можат да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на објекти без услови за испорака на топлина на следниот линк: Затворени објекти – ЕСМ Снабдување.
За дополнителни информации, пријавување дефекти и известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ Снабдување, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872.