Унгарскиот портал „Телекс“ го анализира Вучиќ: Како изгледа кога еден пропаднат лидер ќе седне во пратеничките клупи

„Телекс“ имаше една од поголемите улоги во унгарската јавност во падот на Орбан. Тој ги анализира постапките на Орбан и Вучиќ по поразите на изборите.

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ – кој, по поразот на парламентарните избори, ја продолжи својата политичка кариера како шеф на пратеничката група на Српската напредна партија (СНС) – уште во првата недела од работата на новиот парламент покажа колку тешко му паѓа преминот во опозиција, пишува унгарскиот медиум „Telex“ во статијата насловена „Вучиќ покажува како изгледа кога еден пропаднат лидер ќе седне во пратеничка клупа“.

Пред конститутивната седница, Вучиќ објави видео на Инстаграм на кое се гледа како поранешната претседателка на Народното собрание, Ана Брнабиќ, му го објаснува Деловникот за работа; тој напомена дека, откако по 20 години се вратил во улогата на пратеник, требало „да го обнови“ знаењето за материјата.

За разлика од Виктор Орбан – кој не седна во унгарскиот парламент по изборниот пораз на неговата партија Фидес – Вучиќ одлучи да застане на чело на пратеничката група на партијата што претходно беше на власт, забележува „Telex“, медиум кој придонесе за падот на режимот на Орбан.

Уште на првата седница, тој се обиде да доминира во дебатата, која на крајот траеше два и пол дена, наместо планираните пет часа. Само првиот ден, тој одржа говор во времетраење од еден час и 40 минути, по што следеа уште неколку негови јавувања за збор.

Според податоците на „Отворен парламент“, Вучиќ побарал збор 81 пат за време на конститутивната седница, изговорил вкупно 72.348 зборови и зборувал вкупно 12 часа и три минути. Најстариот пратеник, Стојан Раденовиќ од СНС – кој претседаваше со седницата сè до изборот на новиот претседател на Народното собрание – ниту еднаш не го прекина Вучиќ, иако поранешниот претседател зборуваше главно за теми што немаа врска со дневниот ред.

Србија го смени каналот

Јово Бакиќ, шеф на пратеничката група на Студентската листа, настапите на Вучиќ ги опиша како „вербална дијареја“. „Сметаме дека е добро тој да зборува што е можно повеќе – тоа го покажуваат и изборните резултати. Голем број луѓе веќе се заситени од него, а ова само ќе ја зголеми таа бројка. Можеме само да го охрабриме да продолжи по тој пат“, рече Бакиќ.

Унгарскиот портал, исто така, пренесува изјава дадена за „Нова.рс“од Бојан Пајтиќ, професор на Правниот факултет во Нови Сад. Пајтиќ смета дека, иако настапите на Вучиќ можеби ги мобилизираат неговите најлојални поддржувачи, тие ги одбиваат неопределените гласачи, кои се веќе уморни од агресијата, конфликтите и постојаното создавање непријатели.

„Проблемот е во тоа што политичкиот авторитет не се мери со стоперка, а изгубената доверба на граѓаните не може да се поврати преку маратонски монолози. Вучиќ сè уште не сфатил дека го изгубил правото да управува со државата; наместо тоа, тој се однесува како некој само да му го зел далечинскиот управувач. Србија го смени каналот, а тој сепак се обидува да биде единственото нешто што се гледа на екранот“, рече Пајтиќ.

Според неговата оценка, политичкиот идентитет на СНС е толку силно изграден околу еден поединец, што секоја слабост покажана од страна на Вучиќ се одразува врз целата партија.

Напредњаците се соочуваат со нови правила

„Телекс“ истакнува дека промената во односот на силите во парламентот станала особено очигледна по изборот на Александар Чупиќ за претседател на Народното собрание.

Унгарскиот портал забележува дека, за време на владеењето на СНС, пратениците на таа партија не добивале официјални опомени, иако редовно го прекршуваа Деловникот за работа. Чупиќ, меѓутоа, во рок од само неколку часа им упати опомени на неколкумина членови на партијата на напредњаците – вклучително и на Вучиќ и Ана Брнабиќ.

Ова предизвика незадоволство во редовите на поранешната владејачка партија, додека пратениците од Студентската листа ги поздравија одлуките со аплауз.

Чупиќ покажа доследност и со тоа што му упати опомена на Јово Бакиќ кога тој отстапи од дневниот ред.

Во своето обраќање по преземањето на функцијата, тој ги повика пратениците да му го вратат достоинството на највисокото законодавно тело, нагласувајќи дека дијалогот и толеранцијата мора да станат темел на политичката култура во Србија.

Парламентот како замена за телевизија

Политикологот Владимир Ерцег изјави за „Инсајдер“ дека Вучиќ го користел Народното собрание како еден вид „медиумска сцена“.

„Телекс“ потсетува дека во текот на изминатите петнаесет години поранешниот претседател речиси секојдневно давал барем едно долго интервју за телевизиски канали со национална покриеност.

Сепак, по неговиот изборен пораз кон крајот на октомври, медиумската мрежа изградена од СНС се урива како кула од карти, оценува унгарскиот портал. Со оглед на тоа што можностите за негови јавни настапи се значително намалени, парламентарните преноси му овозможија на Вучиќ шанса повторно да се најде во центарот на вниманието. Во меѓувреме, поранешниот претседател веќе двапати најави дека нема да го заврши својот пратенички мандат. Ерцег смета дека неговата одлука ќе зависи од влијанието што неговото присуство во парламентот ќе го има врз гласачите.

Во меѓувреме, Вучиќ повторно зборуваше за можноста за негово апсење, тврдејќи дека, во таков случај, ќе стапи во штрајк со глад до смрт. Уште првата недела од работата на новиот парламент покажа дека поранешната владејачка партија и нејзиниот лидер – навикнати на неограничена медиумска застапеност и апсолутна власт – тешко се снаоѓаат во опозиција и дека ќе се обидат да ѝ поставуваат пречки на новата влада, која сè уште не е ни формирана, заклучува „Телекс“.

Следниот голем политички тест во Србија ќе бидат претседателските избори, кои треба да се одржат најдоцна до 27 декември.