
Буџетот се полни според планот: Приходите во првите седум месеци повисоки за 9,3 отсто
Буџетските приходи во првите седум месеци од годината се реализираат согласно планот и бележат раст во споредба со истиот период лани, додека расходите се исплаќаат според предвидената динамика, информираат од Министерството за финансии.
Буџетските приходи во првите седум месеци од годината се реализираат согласно планот и бележат раст во споредба со истиот период лани, додека расходите се исплаќаат според предвидената динамика, информираат од Министерството за финансии.
Според податоците за реализација на Буџетот заклучно со 31 јули 2026 година, вкупните приходи достигнале 204,553 милијарди денари, што претставува 53,9 отсто од планираното и раст од 9,3 проценти во однос на истиот период во 2025 година.
Даночните приходи, како главен извор на буџетски средства, се реализирани во износ од 117,963 милијарди денари, односно 55,33 отсто од планираното, со раст од 10 проценти на годишно ниво.
Најголема реализација во рамки на даночните приходи има кај данокот на добивка, каде што се наплатени 16,687 милијарди денари, што е 62,8 отсто од планот и раст од 20,6 проценти во споредба со првите седум месеци од минатата година.
Кај ДДВ се остварени приходи од 53,026 милијарди денари, што претставува 56,78 отсто од планираното и раст од 13,4 проценти, додека од данокот на личен доход се собрани 20,925 милијарди денари, со раст од 11,9 проценти.
Увозните давачки достигнале 9,361 милијарди денари, што е 56,4 отсто од планот и раст од 10,3 проценти. Во истиот период, кон компаниите е извршен поврат на ДДВ во износ од 23,333 милијарди денари, што е за 3,5 проценти повеќе во однос на периодот јануари–јули 2025 година.
Од Министерството за финансии оценуваат дека реализацијата на приходите покажува стабилност и позитивни економски движења, посочувајќи го и растот на индустриското производство во јуни.
На расходната страна, капиталните расходи изнесуваат 21,288 милијарди денари, што претставува раст од 39,6 проценти во однос на истиот период минатата година. Дополнително, за поддршка на домашните компании преку Развојната банка се трансферирани 717 милиони денари.
Во периодот јануари–јули биле исплатени и 49,351 милијарди денари за обврски по основ на стари долгови кон странскиот пазар, како и 11,665 милијарди денари за отплата кон домашни кредитори. Исплатени се и 308 милиони денари по основ на обврзници за денационализација.