Бугарите во македонскиот Устав – уште едно јаболко на раздорот

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски на тв Сител рече дека Бугарите за да бидат впишани во Уставот, тоа ќе биде уште едно јаболко на раздорот.

„Во Република Македонија сметам дека тоа ќе биде уште едно јаболко на раздорот. Тоа ќе ја врати Македонија во времето на пропагандите од 19 век каде што секој ќе се натпреварува да добие квоти, ќе отвори нови барања, нови пописи, нови проценти, нови афирмативни квоти за некого или против некого. Сметам дека Македонија ќе стане земја во којашто соседните држави ќе се натпреваруваат кој има поголем капацитет да си направи некаков простор за оние кои му се фаворити во државата Македонија“ рече Милошоски.

Според него, „сегашниот предлог за преговарачка рамка, значи дека ќе има една фотосесија на која Ковачевски и Бујар Османи ќе се фотографираат со претставниците на европската комисија и потоа Македонија ќе заглави во бесполезни, внатрешно исцрпувачки дебати за тоа дали треба или не треба да се отвора Уставот, кој добива, кој губи, кој е националист, кој е патриот, кој е предавник и нема да имаме ништо продуктивно од тоа“.

„Ние сме да го следиме словенско-хрватскиот модел на преговори – да се работи на стандардите кои Македонија треба да ги постигне, а земјата членка на ЕУ која што има некаква клучна забелешка и некое клучно барање да се пресретне тоа барање во моментот кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Така Словенија и Хрватска на еден цивилизиран начин го решија нивниот спор и сега се и двете членки на Европската унија и се многу добри соседи. Не може со сила некого да го натерате на квази добрососедство, особено не ако му задирате во идентитетот и самобитноста“ – рече Милошоски.