Брнабиќ: Економските и политички односи меѓу Србија и С. Македонија се се подобри

Премиерката Ана Брнабиќ изјави денеска дека економските и политичките односи меѓу Србија и Северна Македонија се подобруваат, а за тоа придонела иницијативата „Отворен Балкан“. Таа по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, изјави и дека голем дел од разговорот бил посветен на оваа иницијатива и на конкретни проекти во рамките на ОБ.

Брнабиќ посочи дека годинава двете земји ќе ја надминат меѓусебната трговска размена од 1,5 милијарди евра и дека се приближуваат до трговска размена од две милијарди евра.

-Минатата година размената достигна 1,482 милијарди евра и е за 28 отсто повисока од 2021 година, рече Брнабиќ.

Според неа извозот на Србија во Северна Македонија се зголемил за 16 отсто во 2022 година, додека извозот на Северна Македонија во Србија значително се зголемил.

-Тоа некако се балансира и одлично е и за вас и за нас. Србија е четврти трговски партнер на Северна Македонија по Германија, Велика Британија и Грција, рече Брнабиќ.

Таа на прес конференцијата додаде дека на денешната средба се разговарало и за тоа како дополнително да се подобри трговската размена и меѓусебната размена на земјоделски прехранбени производи, кои сега сочинуваат повеќе од 40 отсто од размената меѓу двете земји.

-Тоа беше важна тема за нас денес, како позитивно да влијаеме едни на други врз понудата, безбедноста и предвидливоста на цените, рече Брнабиќ.

Српската премиерка посочи дека разговарале и за дополнителна меѓусебна соработка во областа на енергетиката и инфраструктурата, а значајни се и договорите што денеска беа потпишани во тие области.

Зборувајќи за политичките односи меѓу Србија и Северна Македонија, Брнабиќ рече дека на 6 април ќе биде потпишан иновативен меморандум за соработка на полето на евроинтеграциите и дека се усогласува датумот за одржувањето на третата заедничка седница на двете влади, кој ќе ќе се одржи во Србија.

Таа посочи дека Србија го поддржува евроинтегративниот процес на Северна Македонија и дека се што е добро за земјите од регионот со цел побрза европска интеграција е добро и за Србија.