Андонов: Македонија е релативно сиромашна држава, а граѓаните имаат 6-7 милијарди евра како депозити во банките

„Зачетоците на корупцијата во земјава се уште во 90-тите и наместо да се намалува и да се става во нормални рамки, таа со текот на годините го разјадува ткивото, навистина многу малку сме направиле како држава, речиси ништо“ вели професор доктор Марко Андонов, декан на Факулетот за правни науки при УАКС во најновото издание на Трилинг.

Тој смета дека „корупцијата се одразува и во бизнисот, и во пазарот на трудот. Кога таква појава навлегува во сите пори, не можете да сте подобри, не може да се создава мотивиран кадар“.

„Нема дилеми дека во минативе три децении се почнати тие спреги меѓу политиката и бизнисот. Токму од тука треба да започнат чекорите, за да конечно да се сузбива тој продор на коруптивни елементи. Се создаде пракса доколку сакате да добиете работа со државата, треба нешто да се даде. Од друга страна (државата) и на нив им е нормално, ако го дадат тендерот на дадена компанија, тогаш очекуваат дека треба на некој начин и да се искомпензира“ вели професор Андонов.

Ставот на деканот на Факулетот за правни науки е дека „САД задаваат јасна намера за да не направат подобри како држава, како општество. Веројатно некој таму на запад смета дека е сега време да се започне процесот на сузбивање на корупцијата“.

„Македонија е релативно сиромашна држава, но според сите статистики на НБРМ, граѓаните имаат 6-7 милијарди евра како депозити во банки. За македонски услови тоа е импозантна бројка. Прашање е дали тие треба да се држат во банки. Времето нуди многу можности, заштедите може подобро да се инвестираат. Одлични можности се нудат, но за жал голем број од граѓаните парите ги чуваат под перница. Кога имаме само во Скопје 6-7.000 изградени, а невселени станови, ние сме во ситуаија на раст на квадратот во Скопје, што е нелогично. Се случува парадокс, обземени од потребата (градежните фирми) да направат профит, но и граѓаните се подеднакво виновни. Оние кои имаат заштеди, па наместо да ги користат инвестициските вредности, тие решаваат да купат нов стан. Македонските банки форсираат станбени кредити, и тие допринесуваат за растот на цените на становите“ вели Андонов.