Џафери: Денеска сум Украинец, бесен сум!

„И покрај тоа што сум војник и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот, онемен сум и бесен“.

Ова е изјавата на претседателот на македонското Собрание – Талат Џафери, при средбата со украинскиот државен врв во Киев.

Џафери беше заедно со украинскиот претседател – Володомир Зеленски и првиот човек на Врховната рада – Руслан Стефанчук.

На состанокот Џафери посочи дека е растревожен од бројот на гробови што ги видел во Буча и Ирпин.

„Бесен сум на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за којашто верувавме дека е дел од историјата. Бесен сум што светот нема доволно силен глас да ѝ каже стоп на оваа безумна инвазија. Во чест на загубените животи се обврзуваме да ви помогнеме и внимателно да слушаме како одново ќе го изградите разрушеното“ рече Џафери и лично се обврза за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина.

„Овој акт на агресија уште еднаш потврди колку е значајно проширувањето на Европската Унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа. Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас“ – посочи Џафери на средбата и нагласи дека денеска се почувствувал како Украинец.