Филипче: Гласањето по пошта отвора сомнеж за кражба на изборите

Гласањето по пошта за дијаспората отвора сериозен сомнеж дека изборите, кога и да се одржат, може да бидат украдени. Ова го изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју на тв Сител.

Гласањето по пошта за дијаспората отвора сериозен сомнеж дека изборите, кога и да се одржат, може да бидат украдени.

Ова го изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју на тв Сител.

Тој ја обвини власта дека се обидува да протне измени во Изборниот законик без јасни одговори и без механизми што ќе гарантираат контролиран и веродостоен изборен процес.

Филипче рече дека доколку има разум кај власта, ваквите решенија не би се туркале. Тој оцени дека електронското гласање е процес што е невозможно целосно да се контролира и потсети дека многу поразвиени држави и демократии размислувале да го воведат, но се откажале поради ризиците.

Лидерот на СДСМ рече дека власта нема логично објаснување ниту легитимни одговори на прашањата што ги поставува опозицијата. Според него, токму тоа отвора сомнеж дека со измените може да се злоупотреби изборниот процес.

Филипче предупреди дека со ваквото решение се става товар и врз граѓаните од дијаспората. Тој рече дека не смее да се дозволи некој утре да им каже дека тие се виновни ако изборите биле лажирани. Во тоа, според него, се гледа лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски, кои повикуваат на консензус и заедништво, а туркаат решенија што, како што оцени, се добри само за нив.

„Кога ја водите државата, а лошо ја водат државата, тогаш имате одговорност да се направат работи кои се добри за државата“, порача Филипче.

Тој порача дека консензус ќе има секогаш кога решенијата ќе бидат добри за државата и кога сите ќе се согласат дека се во интерес на граѓаните. Но, како што рече Филипче, СДСМ нема да прифати изборни измени што отвораат сомнеж во кредибилитетот на изборите.