Почнува Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“

 „Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду од Кипар ќе го отвори годинашното петто издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“, што ќе се одржува од денеска до 15 јули во Дојран, Струмица и во Гевгелија. Во рамките на програмата на фестивалот ќе се одржат проекции на два филма во чест на Тони Наумовски, годинашниот лауреат на единствената награда за високо актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“, како и проекција на „Павилјон“ во чест на Мето Јовановски.

„Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду од Кипар ќе го отвори годинашното петто издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“, што ќе се одржува од денеска до 15 јули во Дојран, Струмица и во Гевгелија. Во рамките на програмата на фестивалот ќе се одржат проекции на два филма во чест на Тони Наумовски, годинашниот лауреат на единствената награда за високо актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“, како и проекција на „Павилјон“ во чест на Мето Јовановски.

Тони Наумовски е роден во Сиднеј, Австралија. Студирал во Софија, во Сиднеј и на престижната школа на Ли Стразберг во Њујорк, каде што дваесет години живее и работи. Наумовски несомнено е најуспешниот македонски актер на светско ниво. Тој игра во театар, на телевизија и на филм во Америка и надвор, а во последната година со насловната улога од македонскиот филм „Лена и Владимир” има добиено 14 награди за актерско достигнување и неколку номинации на над 80 фестивали во Америка и светот.

Како што истакна директорот на фестивалот, Јани Бојаџи, на прес-конференцијата во пресрте на фестивалот, идејата на ова признание не е да се додели награда за животно дело, туку награда за творештво вреднувувајќи го импресивниот пат на Наумовски, кој преку Сиднеј и Софија стигна до престижниот институт „Ли Стразберг“ во Њујорк градејќи кариера во силна меѓународна конкуренција. Доказ за неговиот успех, додаде тој, се и минатогодишните 14 награди за актерско достигнување и десетиците номинации на над 80 фестивали во светот.

Тој нагласи дека, меѓу другото, првата и стотата причина Тони Наумовски да биде годинешен лауреат е фактот што со македонски филм минатата година е награден 14 пати за актерско достигнување, а добил и други номинации и сето тоа на повеќе од 80 фестивали во светот.

Богатата фестивалска програма е составена од вкупно 49 филма, од кои дури половината се од домашна продукција.

Годинашното издание на фестивалот ќе биде отворено со кипарскиот филм „Држи се за мене“ на режисерката Мирсини Аристиду. Во официјалната селекција, покрај домашниот претставник „Кома“ на Агим Абдула, ќе бидат прикажани и бугарскиот филм „Месо“ на Димитар Стојанович, како и белгискиот „Мртвиот дијамант“ во режија на Хелен Кате и Бруно Форзани. Ексклузива на фестивалот е интернационалната премиера на иранскиот филм „Коцкарот“ на Мохсен Бахари, а во рамките на програмата „Земја во фокус“ ќе биде претставена современата иранска кинематографија. Официјалната селекција ќе ја затвори дебитантскиот филм „Кармадона“ на познатиот српски сценарист и режисер Александар Радивојевиќ.

Фестивалот, кој годинава ќе пречека над 100 гости, ќе се одвива на локации во три града – Гевгелија, Струмица и Дојран. Покрај официјалната програма, предвидени е прикажување на 16 краткометражни филма, од кои 10 се домашни и продуцирани во текот на изминатите 12 месеци.

Во студентската селекција има 13 краткометражни остварувања за кои воспоставиле контакт со трите факултети во Македонија за да го добијат најдоброто што го имаат да го понудат и од нив да направат селекција за филмови во кои можеби во иднина ќе се кријат автори и авторки, кои, вели, македонскиот филм ќе го носат на својот грб.

Предвидени се и проекции на четири современи ирански филма, кои се селектирани да бидат составен дел како едно најмаркантно прикажување на тоа кои се темите и преокупациите што ги интригираат режисерите што творат во Иран. Во насока на поголемо разбирање на иранската кинематографија ќе се одржи интернационален панел како обид да се одговори на прашањето „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм?“, односно дали иранскиот филм може да се носи со предизвиците на модерното живеење.

Во рамките на придружните активности на фестивалот, освен панел-дискусијата за иранскиот филм, предвидени се и две работилници за вештачката интелигенција во филмот и за авторски филм и за авторството.

Во делот на детската програма, пак, ќе учествува македонско-хрватска копродукција, односно „Бумбарово лето“, хрватски филм со малцински македонски удел.

За наградите годинава ќе одлучува меѓународно жири во состав: Мирослав Митиќ (продуцент од Србија), Елеонора Венинова (режисерка од Македонија) и Емили Рише (Франција).