Мицкоски: Не е тајна дека притисок има, но ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот!

ВМРО-ДПМНЕ се посилно го нагласува непроменетиот наратив на партијата, вели претседателот на партијата Христијан Мицкоски кој повтори дека уставни измени под бугарски диктат нема да има. Само предвремени избори се решение, вели тој, најавувајќи „историски успех“.

„Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници.Ако мислите дека на состаноците разговараме какво е времето надвор од канцеларијата или читаме поезија, тогаш се лажете. Тоа се состаноци каде што сериозно ги аргументираме позициите, тие траат неколку часови и ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа затоа што е инаетлива, туку затоа што сме загрижени за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на Македонија и затоа, иако не бевме консултирани за предлозите, нудевме решенија кои власта не ги прифаќаше“ – рече денеска Мицкоски.

Мицкоски ја коментираше и изјавата на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, во која таа ги охрабри граѓаните да им дадат до знаење на политичарите дали сакаат да бидат дел од ЕУ или не. Тој рече дека „апсолутно се согласува“ со Агелер, нагласувајќи дека предвремените избори се теренот кога граѓаните ќе изберат по кој пат ќе чекорат кон ЕУ.

„Апсолутно се сложувам со изјавата на амбасадорката Агелер и граѓаните се тие кои што се суверен во оваа држава и тие треба на избори кои би се случиле час поскоро да излезат и да кажат „да“ за Европската Унија, но и да го одберат решението. ВМРО-ДПМНЕ има свое решение го кажавме тоа јавно, СДСМ има свое решение, претпоставувам и други политички партии ќе излезат на тие избори со свое решение. Граѓаните се тие кои на тие избори ќе го кажат својот став час поскоро…Она што е моја порака е народот веднаш да им каже на политичарите која опција ја избираат, дали опцијата којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ или опцијата што ја нуди коалицијата предводена од СДСМ и да за тоа да се случи се потребни час поскоро предвремени парламентарни избори“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.