
Ивановски: Градскиот воз е приоритет, до септември ќе биде функционален
Приоритет на Владата е да имаме градски воз, а делницата од Зелениково до главната железничка станица ќе биде во функција од септември, нагласува во интервју за ПРИЗМА, директорот на Македонски железници – инфраструктура, јавното претпријатие задолжено за изградба и одржување на пругите и железничките станици.
Приоритет на Владата е да имаме градски воз, а делницата од Зелениково до главната железничка станица ќе биде во функција од септември, нагласува во интервју за ПРИЗМА, директорот на Македонски железници – инфраструктура, јавното претпријатие задолжено за изградба и одржување на пругите и железничките станици.
– Во моментов активни се градежните работи од Зелениково до главната железничка станица, во должина од околу 25 километри. Ова е постоечка пруга, дел од Коридорот 10 и одамна е во функција, но не онака како што треба да биде. На делницата се прави реконструкција, комплетно се демонтираше целата пруга, дел од праговите се заменети со бетонски, а другиот дел, кон Скопје, со нови, дрвени прагови. Правевме тестирања и веруваме дека по комплетно завршување на градежните работи до крајот на јуни, ќе може да се вози повторно со проектираните 80 км/ч, за патничкиот сообраќај. Потоа ќе има дополнителни тестирања, но во принцип, овој крак за градски воз би требало од септември да биде во целосна функција – потенцира Ивановски.
БИРН: Во моментов ја реновирате првата од трите линии за градскиот воз, пругата Зелениково-Транспортен центар, а месецов го објавивте и тендерот за проекти за краковите кон Илинден и кон Ѓорче Петров. Како тече реализацијата на проектот за градски воз?
Ивановски: Во моментов активни се градежните работи од Зелениково до главната железничка станица, во должина од околу 25 километри. Ова е постоечка пруга, дел од коридорот 10 и одамна е во функција, но не онака како што треба да биде. На делницата се прави реконструкција, комплетно се демонтираше целата пруга, дел од праговите се заменети со бетонски, а другиот дел, кон Скопје, со нови, дрвени прагови. Правевме тестирања и веруваме дека по комплетно завршување на градежните работи до крајот на јуни, ќе може да се вози повторно со проектираните 80 км/ч, за патничкиот сообраќај. Потоа ќе има дополнителни тестирања, но во принцип, овој крак за градски воз би требало од септември да биде во целосна функција.
За делниците кон Илинден и Ѓорче Петров, градежниот дел ќе биде сличен. И на двете места има постоечка пруга, меѓутоа за разлика од таа од Зелениково, на овие делници нема никаков сообраќај и се во многу лоша состојба. Веќе објавивме постапка за двата проекти, и ако успееме да завршиме со проектирање до септември, веднаш ќе има оглас за избор на изведувач на двете траси, за кон крајот на 2026 да почнеме и до крајот на 2027 да ги завршиме.
Во ребалансот на буџетот ги баравме овие средства, да бидат во развојната програма, дел во 26-та, дел во 27-ма и можеби дел во 2028 година и се надеваме дека ќе ни биде одобрени, приоритет на владата е да имаме градски воз.
БИРН: Првиот дел е реконструкција на пругите, но за да профункционира проектот градски воз, потребни се и возови, но и луѓето да стигнат до станиците кои се надвор од населените места. Како ќе се обезбеди овој проект да не заврши само на реновирани пруги?
Ивановски: Мора да имаме координација со другото претпријатие (МЖ Транспорт н.з.). Им кажавме, ние ќе ги направиме пругите, вие возовите како знаете да ги обезбедите. Дадоа збор дека од први септември, ќе има воз којшто специјално ќе биде наменет за градскиот воз и тој нема да продолжува кон Гевгелија, туку од Транспортен центар до Зелениково, во континуитет. Возниот ред го одредуваат тие, меѓутоа сигурно ќе го има повеќе пати во денот.
Ќе мора да помогне и Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје. Градоначалникот даде согласност дека при креирање на возниот ред ќе биде вклучено ЈСП, за синхронизирано собирање на патници од населените места и носење до самата станица.
Верувам дека и двете претпријатија, и МЖ Транспорт и ЈСП, ќе најдат ресурси за овој проект да биде функционален бидејќи даваме целосно нова алтернатива за движење и транспорт. Мора да најдат. И јас можам да имам оправдување дека немаме капацитети, но даваме приоритет на градскиот воз за да заживее. Со него ќе имаме извесност, ќе знаеме за колку минути ќе стигнеме до центарот. А со автомобил, дали имало протест, делегација или сообраќаен метеж, нема извесност, па затоа оваа алтернатива за приградските населби е нешто што би требало да биде приоритет и за Град Скопје, и за ЈСП и за МЖ Транспорт.
БИРН: Кога зборуваме за градски воз, скопската Железничка станица е местото во кое се спојуваат трите линиии, а таа е во очајна состојба. Најавивте проект и реконструкција, како течат работите на терен?
Ивановски: Проектот е специфичен и затоа го дадовме на Архитектонскиот факултет, тие најдобро знаат како да направат нов проект за целосна реконструкција. Претпоставката е дека оваа реконструкција ќе биде дел од британската помош при градење на брзата пруга. Значи освен брза пруга, крак до аеродромот Петровец, ќе биде целосно реконструирана и железничката во Скопје.
Верувам дека околу барањето пари нема да биде многу мачно, поради тоа што ќе го инкорпорираме со британската компонента и кога ќе се најдат пари за градбата на брзата пруга, дел од тоа ќе биде и за реконструкцијата на железничката станица.
Таа изгледа очајно во моментов. Она што можеме да го направиме го направив, ги отстранивме сите билборди, имаше одговорни компании коишто се согласија, има и компании што не се согласуваат. Притоа има два балкони на првиот кат, едниот го има затворено некоја обложувалница или казино, другиот кафуле. Пред неколку дена дадов допис во рок од 10 дена да бидат ослободени комплетно, да тргнат прозорци, настрешници, кровови, сѐ што може за да ги ослободиме. Имаме активна постапка на чистење екстериер, ги бришеме сите можни графити, ангажиравме професионална фирма, го затворивме пристапот од меѓународната автобуска и ќе се трудиме, до реконструкцијата, колку што може, да биде внатре попристојно. Лифтовите и ескалаторите сѐ уште не работат, неколку пати по ред никој не се јави на постапката (јавна набавка н.з.), меѓутоа не е оправдување, мора да ги ставиме во функција.
Со Архитектонскиот факултет имаме интензивна соработка, го задржуваме оригиналниот проект со тоа што бараме да има и модерни елементи – да го препознае тоа време од брутализмот, но да ставиме и некои современи елементи. Рокот за изработка на проектот е 1,5 година. Пред да почнат да цртаат, интензивно работат на детали бидејќи станицата не е комплетно изградена според проектот на Кензо Танге. Има столбови коишто се кренати, не биле завршени и сега се разгледуваат сите работи. Не се мешаме многу, им даваме скоро комплетна слобода да го изработат проектот, за да биде како што треба.