
Народниот правобранител Насер Зибери, во изјава за Алфа тв вели дека граѓаните кои имаат важечка лична карта, не треба да плаќаат за нова само поради новото уставно име, туку тоа треба да се плати од државниот буџет.
„Како обврска што ја наметнува државата, поседувањето на личната карта, а како резултат на одлука на државата, да се променат личните карти, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци, зошто таа обврска се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, туку како резулатат на одлука на владата, на собранието, односно, државата. И од тие причини сметам дека граѓаните треба да бидат поштедени од еден ваков трошок“ – вели Зибери.
Реакцијата на правобранителот следи откако министерот Спасовски вчера откри дека уште 800.000 граѓани немаат лични документи на кои стои новото име со додавката „Северна”, кои пак важат до февруари идната 2024 година.
Зибери додава дека слична ситуација е и кога општина би променила име на улица, па адресата на личната карта може да е поразлична, но, во тој случај, документот не престанува да важи се дури не му истече пропишаниот рок, за разлика од оваа ситуација.
Тој смета дека не смее да се дојде до момент, граѓаните да го изгубат избирачкото право и да не можат да гласаат на престојните избори.
„Апсолутно сметам дека секој што ќе има лична исправа, значи лична карта или патна исправа, без оглед што нема да биде усогласена со новите измени на уставот, а има рок на важност, треба да го оствари своето право на глас, во спротивно ќе имаме серизони проблеми, може да се доведе во прашање легитимитетот на изборит, а од друга страна секако дека ќе се ускрати едно основно со Устав загарантирано право“ – вели правобранителот.