Владата во Подгорица запре кредитен аранжман со српската Алта банка која од лани работи и во Македонија

Спорната зделка се однесува на марината и крајбрежното шеталиште во комплексот Луштица Беј кај Тиват, изградени на државно земјиште со површина од околу 18 000 метри квадратни.

Спорната зделка се однесува на марината и крајбрежното шеталиште во комплексот Луштица Беј кај Тиват, изградени на државно земјиште со површина од околу 18 000 метри квадратни.

Како што објави црногорски „Вијести“, Владата на Црна Гора на 29 јуни го прифатила барањето на „Луштица Девелопмент“ со што требало да се овозможи воспоставување заложно право во корист на Алта банка – Белград како обезбедување за враќање на кредитот од 15 милиони евра.

Но, на 28 јули, само два дена откако „Вијести“ објавија информација за планираниот аранжман, владата на премиерот Милојко Спајиќ ја променила одлуката и го поништила претходниот заклучок. Со тоа практично било спречено државниот имот – марината и шеталиштето да биде ставен под залог во корист на белградската банка.

Во образложението не била наведена конкретна причина за пресвртот, туку само било посочено дека настапиле „одредени правни и фактички околности“ поради кои престанала основата за постоење на заложното право. Според катастарските податоци што ги провериле „Вијести“, заложно право во корист на Алта банка воопшто не било запишано.

Од „Луштица Девелопмент“ потврдиле дека во моментот немаат кредитни аранжмани со Алта банка. Компанијата, сепак, не одговорила на прашањата на „Вијести“ за тоа дали претходно имала други кредитни аранжмани со банката, во колкав износ и какви средства за обезбедување биле користени.

Ниту Алта банка – Белград не одговорила на прашањата на црногорскиот медиум во врска со досегашната кредитна соработка со инвеститорот на Луштица Беј и планираниот кредит од 15 милиони евра.

Од црногорското Министерство за урбанизам, просторно планирање и државен имот објасниле дека Владата првично била подготвена да го овозможи аранжманот поради значењето на продолжувањето на инвестицискиот циклус, но дека „Луштица Девелопмент“ не ги реализирала активностите што биле утврдени како услов за спроведување на согласноста. Министерството, според „Вијести“, не прецизирало кои конкретно биле тие услови.

„Вијести“ посочува и на политичките контроверзи што ја следат Алта банка во Србија. Според црногорскиот медиум, српската опозиција го поврзува сопственикот на банката, бизнисменот Давор Мацура, со претседателот на Србија Александар Вучиќ, неговиот брат Андреј Вучиќ и владејачката Српска напредна странка.

Станува збор за политички обвинувања на опозицијата, кои властите во Белград ги демантираат, наведува „Вијести“.

Токму поради ваквите тврдења, црногорскиот медиум побарал од „Луштица Девелопмент“ одговор дали соработката со Алта банка може негативно да се одрази врз деловниот имиџ на компанијата и на целиот проект Луштица Беј, но одговор не добиле.

Поранешната Стопанска банка – Битола денес работи како Алта банка – Битола. Според официјалните податоци објавени од банката, со состојба на 17 јули 2026 година, Алта банка – Белград поседува 95,1754 проценти од обичните акции со право на глас во македонската Алта банка, со што практично е нејзин доминантен сопственик. Ова преземање наиде на критики, како во експертската јавност, така и во политичкиот дел, дека чекорот значи зацврстување на екомномското присуство на структури блиски до српската владејачка СНС во Македонија.

Извор: 360stepeni.mk