![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/08/363543e-750x430.jpg)
Министерството за правда подготвува закон за здруженија, граѓански организации и фондации. Дотогаш земјата останува плодна почва за никнување на организации, кои за многумина се спорни и се толкуваат како провокација, пишува „Дојче веле“.
Оттаму информираат дека бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, никнуваат како печурки по дожд во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа.
По културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, што предизвика лавина реакции во јавноста пристигнаа информации и за новоформирано здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци.
Министерството за правда уште пред неколку месеци најави дека се подготвува закон за здруженија, граѓански организации и фондации со кој се очекува да се регулира употребата на имиња на историски личности при регистрацијата на граѓански здруженија и организации.
Дотогаш земјата останува плодна почва за никнување на организации, кои за многумина се спорни и се толкуваат како провокација, велат од ДВ.
Како и во случајот со клубот „Иван Михајлов“ и сега пристигна информација дека до Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети”. Но, ваква организација, сепак, е регистрирана уште минатата година во ноември, со седиште во Охрид. Патот низ законскиот лавиринт води до Централниот регистар, каде здружението е впишано во согласност со Законот за здруженија и фондации.
Оттаму посочуваат дека постапуваат согласно постоечките закони во државата, а во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата.
Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица. Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се забранува работата за организацијата.