Ивановска: Прво научете ја историјата, па цртајте ДУП! – планот е штетен за сите граѓани
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата и кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, реагираше на нацрт-Деталниот урбанистички план за месноста Барутана на Водно, оценувајќи дека станува збор за штетен и неприфатлив план.
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата и кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, реагираше на нацрт-Деталниот урбанистички план за месноста Барутана на Водно, оценувајќи дека станува збор за штетен и неприфатлив план.
Во објава на социјалните мрежи, Ивановска го повика градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, при планирањето на просторот да ја има предвид историјата на Водно и причините поради кои овој дел од градот бил пошумуван.
„Добро би било градоначалникот да ја научи историјата на градот, особено за периодот кога се иселувале селата Долно и Горно Водно и се пошумувало брдото за да не го поплавува градот“, напиша Ивановска.
Темата повторно е во фокусот на јавноста, а денеска е и последниот ден од јавната анкета на која жителите на Центар можат да достават забелешки и мислења за нацрт-планот.
Контроверзиите околу ДУП „Барутана“ се засилија откако советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на Општина Центар на 14 јули 2026 година заеднички го изгласаа планот. Против гласаа советниците на „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ, како и по еден советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Во јавноста дополнително се отвори прашањето и за безбедносните аспекти на планот, бидејќи, според критичарите, за него нема мислење од Дирекцијата за заштита и спасување во однос на ризиците од ерозија, лизгање на земјиштето и поројни поплави.
Паралелно, жители на Центар потпишуваат петиција со која бараат планот да биде повлечен и преработен, со цел да се спречат нови градби во пошумените делови и да се зачуваат постојните планинарски патеки.
„Со овој план ќе се создадат услови да има стотина нови возила за кои нема да има паркинг. Со овој план се создаваат услови за идна несреќа во вид на лизгање на земјиштето, ерозија или поројна поплава. За овој план мислење нема дадено Дирекцијата за заштита и спасување. За овој план нема студија ниту мерки како да се спречи ерозија или лизгање на земјиштето“, се наведува во петицијата.
Критичарите на планот предупредуваат дека евентуалната дополнителна урбанизација на Водно може да има последици не само врз зеленилото и постојните пешачки и планинарски патеки, туку и врз сообраќајната и безбедносната состојба во овој дел од градот.