Бектеши-Донмез: Ќе се интензивира соработката во енергетскиот сектор

Можните правци за развој и продлабочување на соработката во полето на енергетиката беа тема на дијалог на денешниот работен состанок во Скопје меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за енергетика и природни ресурси на Република Турција, Фатих Донмез.Дополнително разговараа за делот на снабдување на електрична енергија и природен гас, земајќи ги во предвид движењата на енергетските политики во услови на енергетска криза,

На состанокот учествуваа и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, извршниот директор на АД НЕР, Бајрам Реџепи, генералниот директор на МЕПСО, Орхан Муртезани, директорот на АД ГА-МА, Александар Арсиќ, како и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. Министерот Донмез беше придружуван од генералниот директор на БОТАС, Бурхан Озџан и– генерален директор на ТЕИАШ, Орхан Калдирим.

На состанокот, информираат од Министерството за економија, беше истакната одличната билатерална соработка која ја имаат двете земји, министерот Бектеши се заблагодари за досегашната поддршка од Република Турција и интересот за обезбедување на енергенси за потребите на нашата земја.

-Се покажува уште еднаш добрата соработка која ја имаме со Република Турција. Од кога почна енергетската криза, прва земја каде се обративме за поддршка беше Министерството за енергетика и природни ресурси на Турција. Денеска беше покажан интерес да се продолжи соработката и да и се излезе во пресрет на нашата држава и на нашите граѓани, кажа министерот Бектеши.

Тој информираше дека во финална фаза на изработка е меморандум за соработка во енергетиката со Турција, кој се очекува да се потпише во наредниот период со кој ќе се отворат можности за зголемување на соработката и инвестиции на полето на енергетиката помеѓу двете земји.

-Ќе потпишеме меморандум за соработка во делот на енергетиката, текстот веќе е во финална фаза на подготовка и ќе биде потпишан во наредниот период. Убеден сум дека оваа криза заеднички ќе ја надминеме и ќе отвориме нови перспективи за развој на економиите на двете земји, посочи Бектеши и додаде дека имаме интерес да привлечеме што поголем број на турски инвестиции, посебно во делот на обновливи извори на енергија и во делот на производство на електрична енергија.

-Ние како Севрна Македонија ќе учествуваме во секоја иницијатива на Република Турција, како што е и регионален пазар на електрична енергија и други иницијативи, истакна Бектеши.

Двајцата министри се согласија во наредниот период да се интензивираат разговорите за можностите за снабдување со електрична енергија и природен гас од Турција и дека двете земји имаат традиционално одлична соработка на енергетски план и изразија надежи во иднина оваа соработка да се продлабочи.